Гвардиола нема поим кога Кевин де Бруин ќе се врати на терените
- Менаџерот Пеп Гвардиола се уште нема поим кога Кевин де Бруин ќе се врати на терените за Манчестер Сити, но тоа сигурно нема да се случи на саботниот натпревар од Премиер лигата против Саутемптон. 33-годишниот репрезентативец на Белгија заработи повреда минатиот месец и ги пропушти последните седум натпревари на Сити.
Манчестер, 25 октомври 2024 (МИА) - Менаџерот Пеп Гвардиола се уште нема поим кога Кевин де Бруин ќе се врати на терените за Манчестер Сити, но тоа сигурно нема да се случи на саботниот натпревар од Премиер лигата против Саутемптон. 33-годишниот репрезентативец на Белгија заработи повреда минатиот месец и ги пропушти последните седум натпревари на Сити.
Запрашан дали знае колку долго ќе трае третманот на Де Бруин, Гвардиола одговори: „Не знам. Секако дека повеќе би сакал да го имам целиот тим на располагање, но тоа во моментов не е опција. Се надевам дека тој ќе се врати наскоро, но не сум сигурен кога ќе се случи ова“.
Кајл Вокер, Џереми Доку и Џек Грилиш нема да играат за Сити, но и без нив шампионот е јасен фаворит против Саутемптон. Победа ќе ја доведе екипата на Гвардиола привремено на врвот на табелата бидејќи шампионите се втори, со еден бод помалку од лидерот Ливерпул. „Црвените“ во недела гостуваат кај третопласираниот Арсенал.
Дополнително, со победа ќе поминат цели две години од последниот пораз на Сити на домашен терен во Премиер лигата.
-Навистина е одлично и покажува дека постои константност во нашиот тим. Да не беше така, немаше толку често да ја освојуваме Премиер лигата, рече Гвардиола. дс
Фото: Архива