• понеделник, 23 декември 2024

Галовеј за МИА: Земјите на КОП26 треба да покажат што ќе сторат за климатските промени, досега ветувањата не се исполнети

Галовеј за МИА: Земјите на КОП26 треба да покажат што ќе сторат за климатските промени, досега ветувањата не се исполнети
Скопје, 19 септември 2021 (МИА) - Државите во светот на претстојниот КОП26 закажан за ноември треба да покажат што ќе испорачаат во однос на климатските промени од тоа што беше договорено во Париз. На следниот КОП не се цели кон постигнување нов договор, туку се очекува презентација на тоа што секоја земја во светот ќе стори за заштита на животната средина. На КОП-26 во Глазгов во ноември ќе се соберат светските лидери, а меѓу нив ќе присустува и претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски. Ова во интервју за МИА го истакна британската амбасадорка во земјава, Рејчел Галовеј, чија земја, заедно со Италија се домаќини на овогодинешниот КОП. Таа нагласува дека земјите треба да ги покажат своите заложби во однос на Парискиот договор, со оглед на тоа што во моментов ветувањата не се исполнети, а температурата ќе продолжи да расте над 1,5 степени. Со амбасадорката Галовеј разговаравме за очекувањата од престојниот КОП, за мерките што ги презема британската Влада за справување со климатските промени, за начинот на кој развиените земји практично им помагаат на земјите во развој да постигнат зелен развој, а во таа насока и за поддршката која Обединетото Кралство и ја дава на Северна Македонија за заштита на животната средина. Меѓу најпознатите проекти е „Разбистри се“, за кој Галовеј вели дека е важна кампања, која постигнала резултати, а Владата ја искористила во своите консултации со еко-организациите во изготвување на новиот закон за води и новиот закон за минерали суровини. Вели се уште има многи работа за да се „разбистриме“, потребно е да продолжат консултациите со сите чинители, а вистинскиот тест, како што посочи е имплементацијата. Галовеј во интервјуто за МИА говореше и за другите проекти со кои британската Амбасада во земјава ја поддржува заштитата на животната средина, а меѓу нив го спомена „Хотел за пчели“, кој има цел пчелите да се вратат пчелите во животната средина. За нашето официјално членство во НАТО и зајакнувањето на односите меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство разговаравме со британската амбасадорка, а се осврнавме и на нашата интеграција во Европската Унија, која во моментов е закочена поради спорот со Бугарија. Галовеј вели дека Северна Македонија вложила многу труд во реформската агенда, од справување со корупција, владеење на правото и поради тоа земјата е членка на НАТО и добила силни препораки за почеток на пристапните преговори со ЕУ. -Отсекогаш силно сме ги поддржувале евроатлантските амбиции на Северна Македонија и сметаме дека земјата-кандидат треба да биде оценувана според критериумите, а амбициите не треба да престанат поради билатерални спорови. Ќе напоменам дека Северна Македонија се покажала како лидер во регионот, а и во поширокиот регион, со нејзиниот пристап кон билатерални спорови. Се надевам дека прашањата ќе бидат решени наскоро, но во меѓувреме, најважното што Северна Македонија треба да го направи е да продолжи со реформите не за ЕУ, туку бидејќи тие ќе го подобрат животот на граѓаните. Тоа е најважно, порача Галовеј во интервјуто за МИА. Во продолжение следува целото интервју со британската амбасадорка Рејчел Галовеј со видео материјал: Во ноември во Глазгов ќе се одржи Конференцијата за климатски промени на ОН – КОП26, Велика Британија е домаќин, заедно со Република Италија, кои се главните насоки во кои ќе се движи оваа конференција и кој се е најавено дека на неа ќе учествува?   -Обединетото Кралство во ноември во Глазгов е ко-организатор на КОП26, а главната цел на конференцијата е да ги собере светските лидери за да се обврзат на ветувањата од Парискиот договор од пред шест години, да се одржува растот на температурата под 1,5 степени, да ја демонстрираат нивната посветеност за нето нулта стапка на емисии на штетни гасови и да покажат како земјите ќе престанат да го употребуваат јагленот. Очекуваме делегации и лидери од целиот свет и драго ни е што претседателот Пендаровски потврди дека ќе присуствува. Очекувате ли некаков пресврт од Конференцијата во Глазгов, од годинешните преговори, која е вашата цел за да сметате дека имате успешен  КОП годинава, со оглед на тоа дека на минатиот земјите-членки не успеаја да дојдат до договор за конечна операционализација на Парискиот договор?   -На КОП26 нема да целиме кон нов преговарачки договор. Целта е всушност земјите да покажат како ќе испорачаат во врска со тоа што беше договорено во Париз, бидејќи во моментов не успеваме да ги исполниме ветувањата и температурата ќе продолжи да расте над 1,5 степени. Сакаме да видиме како луѓето се обврзуваат повторно кон прилагодување и митигација и да се соберат на едно место за да видиме каков ќе биде новиот правилник. Настанот ќе биде успешен ако се склучат нови договори за тоа што треба сите да направиме, но и да ги видиме земјите кои започнуваат индивидуални заложби. Како вашата земја се справува со климатските промени, кои се трите главни мерки за адаптација и митигација, кои британската Влада ги презема?  -Минатата година, мојот премиер најави навистина амбициозен климатски акциски план со 10 точки, кој ги вклучува областите зелена енергетика, зелено финансирање, зелени работни места, транспорт и многу други сектори. Тој најави дека ќе инвестираме 12 милијарди фунти во стратегијата. Се очекува да се отворат 250 000 работни места за висококвалификувани кадри. Исто така, се очекува  инвестиции на приватниот сектор најмалку три пати повеќе од тоа. Ние сме првата земја која донела закон за климатски заложби, што значи дека сега имаме закон дека треба да ја постигнеме нето нулта целта до 2050 и одредивме цели во процесот. Една од другите навистина важни заложби е нашиот меѓународен механизам за климатско финансирање, со кој ќе финансираме акции против климатски промени и ќе работиме со нашите партнери за да вистински го смениме начинот како луѓето инвестираат во фосилни горива и се прилагодуваат и митигираат на некои од влијанијата од климатските промени. Тоа е нашата амбиција, тоа е нашата акција на високо ниво, но за да биде ефективна треба и другите земји да преземаат такви чекори. Дали воведовте или размислувате за воведување на јаглероден данок?  -Во Обединетото Кралство ја воведовме шемата за тргување со емисии (UK ETS). Порано бевме членка на ЕУ и ова не претставува данок на јаглерод, туку ние го викаме политика за тргување со јаглерод. За некои стакленички гасови, во некои сектори, поставуваме цел колкави можат да бидат емисиите секоја година и ќе го намалуваме нивото следниве години. Очекуваме ова да има голема улога за да постигнеме нето нулта. Каков е планот на големите мултинационални компании, кои се производители на фосилни деривати и го носат најголемиот удел во карбон кредитот?  -Како претседавач со КОП, работевме со Обединетите Нации како и со многу други во кампањата „Трка до Нулта“. Тоа е кампања за соработка со компании и различни сектори за да се обврзат на некои од потребните промени бидејќи сте во право – нема да успееме да испорачаме во врска со заложбите, ако не е вклучен и приватниот сектор. Всушност, сега илјадници компании насекаде во светот се вклучија – преку 700 градови, академски институции и бизниси. Многу е лесно да се вклучиш и изминативе месеци имавме успешни средби со разни сектори тука – транспорт, големи бизниси во врска со тоа тие што прават за климатско прилагодување. Факт е дека бизнисите прават некои измени. Се префрлуваат на обновлива енергија, дознаваат колкави се емисиите на јаглерод и имаат стратегии. Но, како земјите се обидуваат да направат измени до 2050, така и за компаниите кои сакаат да бидат економски исплатливи треба да направат измени за да функционираат во она што се очекува да биде различна економска средина насекаде во светот. На кој начин развиените земји практично им помагаат на земјите во развој да постигнат зелен развој, имајќи предвид дека најголемиот дел од нив веќе го искористиле карбон кредитот и имаат силни економии, пристап до енергија и високи стандарди, а најранливите земји на климатските промени истовремено треба да ги постигнат тие стандарди под многу построги услови?  -Една од заложбите во Париз предвидуваше климатското финансирање да биде обезбедено од развиените земји за земјите во развој за да може да се прилагодат и митигираат и да ги спроведат политиките потребни за прилагодување на климатските промени. Таа заложба беше во висина од 100 милијарди долари. На КОП треба земјите да истапат и да покажат како сега ќе го исполнат тоа. Го дуплиравме тоа што го даваме, испланиравме како ќе го направиме тоа. Исто така КОП треба да направи втор чекор – земјите во развој побараа средства од овој фонд и на КОП треба да видиме како ќе го финансираме тоа. Амбасадата на Велика Британија во континуитет поддржува проекти за заштита на животната средина во земјава. Стоите зад проектот „Разбистри се“, се вклучија многумина, институции, медиуми, дали има некаков ефект или е само уште еден проект, кој ќе заврши, свеста ќе остане иста, водата е само еден аспект од заштита на животната средина, дали ја разбистривме?  -Сметам дека е навистина важна кампања, која им значи на луѓето. Тие знаат дека езерата се неизоставен дел од убавините на земјава и се грижат за нив и како природен ресурс, не само како енергетски извор. Сметам дека кампањата постигна неколку работи и фактот дека толку многу организации се вкличија и ја промовираа помогна во подигање на свеста. Фактот дека Владата ја искористи во своите консултации со еко-организациите во изготвување на новиот закон за води и новиот закон за минерали суровини е од голема важност. Но, се уште има многу работа. Треба да продолжат консултациите со сите чинители и потоа вистинскиот тест е имплементацијата. Имаме и друг проект за управување со животната средина каде работиме со Советот за правно истражување за да ги анализираме законите, како се спроведуваат и што треба уште да се направи за да се осигуриме дека се преземаат кривични процедури кога постои криминал и да се истражи до крај за да навистина се исчисти. Се одржа јавна расправа за тоа дали новиот предлог  Закон за минерални суровини максимално ја штити животната средина, се одржа токму во рамки на овој проект, имате ли мислење за овој закон, дали според ваша оценка Министерството за економија даде оптимално решение?  -Како што реков, една од навистина позитивните работи се консултациите. Видовме дека најдобрите реформи се оние каде Владата и институциите ги вклучија и граѓанските организации и експерите. Тоа е добра појдовна точка. Но, спроведувањето повторно ќе биде тест и сега треба да видиме транспарентност и одговорност. Сега, луѓето треба да имаат можност да видат како Министерството доделува концесии во оваа област и тогаш чинителите ќе можат да бараат одговорност од Владата. На кој друг начин ја поддржувате заштитата на животната средина во земјава, во кои други сфери?   -Преку Фондот за добро управување, го поддржавме развојот на енергетската стратегија како и спроведувањето на енергетска стратегија. Навистина сме импресионирани како Владата планира да направи исчекор кон зелена и одржлива енергетска иднина. Исто така работевме во областите во врска со подигање на свеста, работевме со помали НВО и имаме нов проект наречен „Хотел за пчели“ за тоа како да ги вратиме пчелите во животната средина. Организиравме одржлива модна ревија на почетокот на годината и продолжуваме да работиме со текстилната индустрија, бидејќи таа има влијание, особено во врска со отпадот. А околу позитивни вести, добро е тоа што новиот Закон за отпад беше усвоен во Собранието изминатава недела. Северна Македонија е 30. земја- членка на НАТО, сојузници сме во најголемиот воено-политички сојуз во светот, со министерката за одбрана во јули потпишавте Меморандум за ќелија за координација на обуката на полигонот Криволак за зацврстување на капацитетите на македонската армија, што вклучува оваа соработка и дали откако сме земја членка на НАТО се зајакна воената соработка, но можеби и во други сфери? -Бевме силен поддржувач на членството на Северна Македонија во НАТО. Тоа беше огромен успех и ни беше навистина драго што потпишавме Меморандум за соработка на почетокот на годината. Голем труд беше вложен последниве години да и помогнеме на Северна Македонија да биде подготвена за НАТО, особено со обука на лесната пешадиска бригада, која е дел од обврската на Северна Македонија кон НАТО. На Криволак, поддржуваме разни видови на обука, ново таргетирање, поддршка за обука и за пешадијата и за специјалните сили. Исто така во земјата ја воведовме „Ќелијата за копнена координација“ што значи постојано британско воено присуство тука, за да видиме кои се потребите за обука тука и пошироко во регионот, а и да увидиме како можеме да поддржиме и да ја зајакнеме понатаму. Дали откако сме земја членка на НАТО ја зајакнавме соработката и во други сфери, освен во сферата на одбраната? Во земјава донесовме советник со полно работно време кој работи со Министерството за одбрана и со армијата за да се види што повеќе да се направи за спремност за НАТО во сите области. Имаме серија на активности на Криволак, следна е обука на британските воздухопловни сили заедно со војниците тука, во Северна Македонија во рамките на голема вежба. Ќе почнеме и проект во рамките на кој ќе работиме со Министерството за одбрана за реформа на човечки ресурси и администрацијата, која се совпаѓа со поопширни активности кои сме ги имале со владата во последните години. Дел сме од НАТО, но за ЕУ се уште перспективата не е на повидок, особено сега кога имаме нова блокада поради спорот со Бугарија, очекувавме дека ќе почнеме преговори, но сепак сега спориме за идентитетот и јазикот, дали е ова слабост на ЕУ или на земјите кои аспирираат да станат членки на Унијата?  -Прво што треба да се напомене е дека Северна Македонија вложи многу труд на реформската агенда, од справување со корупција, владеење на правото. Поради ова, Северна Македонија е членка на НАТО и доби силни препораки за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Отсекогаш силно сме ги поддржувале евроатлантските амбиции на Северна Македонија и сметаме дека земјата-кандидат треба да биде оценувана според критериумите, а амбициите не треба да престанат поради билатерални спорови. Ќе напоменам дека Северна Македонија се покажала како лидер во регионот, а и во поширокиот регион, со нејзиниот пристап кон билатерални спорови. Се надевам дека прашањата ќе бидат решени наскоро, но во меѓувреме, најважното што Северна Македонија треба да го направи е да продолжи со реформите не за ЕУ, туку бидејќи тие ќе го подобрат животот на граѓаните. Тоа е најважно. Земјава неодамна одбележа 30 години независност,  имаме долгогодишна меѓусебна соработка, кои области се приоритет на Вашата Амбасада како поддршка за Северна Македонија, но и регионално?  -Навистина беше задоволство да се прослави 30 години од независноста на 30-та членка на НАТО. Нашата соработка е долготрајна во многу области и сметам дека нашите приоритети се во согласност со тие на земјата. Затоа сме фокусирани на поддршка за владеење на правото, доброто владеење, јавна администрација и како што веќе кажав работиме многу на животната средина. Сметам и дека и тоа се областите во кои ќе продолжиме да работиме со Владата, НВО и со меѓународните партнери. Исто така работиме со големите меѓународни институции, Обединетите Нации, Светската Банка на навистина важни прашања, меѓу кои родово-базирано насилство, а и голем проект за следните 20 години на национална стратегија за развој. На регионално ниво, нашиот фокус е многу сличен, но исто така во тек се и многу добри проекти низ регионот во врска со владеење со правото и независност на медиумите. Сметам дека тие и ќе бидат областите на кои ќе продолжиме да се фокусираме. Како ја оценувате билатералната соработка во сферата на економијата и бизнисот, што тука може да се стори за повеќе?  -Сметам дека билатералните односи во економијата и размената е фундаментален дел од нашите односи. Размената на стоки меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство во 2020 беше 1.4 милијарди фунти. За Обединетото Кралство, Северна Македонија е нашиот најголем трговски партнер на Балканот и се проценува на 60 отсто од нашата трговија. Сепак, сметаме дека многу повеќе може да се направи и можеме да ја користиме како основа таа соработка во многу области. Вложуваме многу напори и време во тоа. Договоривме и потпишавме нов договор за партнерство и соработка на крајот на изминатата година и продолжуваме да работиме на тоа. Назначивме претставник за трговија за регионот, а тоа е пратеникот Мартин Викер, за кој се надевам дека ќе дојде во посета до крајот на годинава. Исто така е назначен директор за трговија во Амбасадата во Скопје. Сите овие луѓе и сите овие прашања ни даваат можност вистински да видиме каде има нови можности за соработка и навистина постојат многу можности, но сега гледаме на можности за зелено финансирање, механизам на Обединетото Кралство за финансирање на извоз каде може да ги зајакнеме вештините, но и за да работиме со Владата за да отвориме пристап до пазари и да обезбедиме еднакво и фер поле за работа. Дали вашето излегување од ЕУ имаше некакво влијание во целата оваа трговска размена во позитивна или негативна смисла? -Најважното за нас е дека немаше негативно влијание, сакавме да го искористиме како можност и затоа го испреговаравме ПСТА (Договор за партнерство, соработка и трговија). Важно е дека дојде пред какви било промени. Тоа беше навистина позитивно за нас и работиме со фирми за да најдеме нови можности и нови начини за соработка со нас. Познати сте по чивнинг стипендиите, до кога се отворени апликациите оваа година и што добиваат оние кои ќе добијат една ваква стипендија?  -Аплицирањето е отворено во моментов и завршува на 2 ноември. Стипендиите нудат можности за граѓаните од земјава да отидат во Обединетото Кралство, да студираат на нашите најдобри универзитети на едногодишно постдипломски студии. Бараме идни лидери, оние кои прават промени, луѓе кои сакаат да отидат во Обединетото Кралство да учат и потоа да се вратат и да ги споделат вештините кои ги добиле, знаењето со кое се стекнале и да ги искористат за иднината на земјава. Ги повикувам сите кои гледаат или кои познаваат некој кој може да се пријави да ја посети вебстраната на Чивнинг и да се пријави сега. Ана Цветковска фото: Фросина Насковиќ видео: Аслан Вишко

 

Остани поврзан