• среда, 27 ноември 2024

В петок министерски состанок во Атина за намалување на ризикот од природни катастрофи со учество на 17 земји меѓу кои и Северна Македонија

В петок министерски состанок во Атина за намалување на ризикот од природни катастрофи со учество на 17 земји меѓу кои и Северна Македонија
Атина, 19 октомври 2022 (МИА) - Регионалната соработка  во справување со природните катастрофи ќе биде во фокусот на министерскиот состанок за „Намалување на ризикот од катастрофи во Источниот Медитеран“, што в петок ќе се одржи во Грција со учество на делегации од 17 земји, меѓу кои и Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина. Министерскиот состанок е во рамките на Дијалогот за патоказот на Обединетите нации за намалување на ризикот од катастрофи и го организира Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција во соработка со Канцеларијата на ОН. Планирано е учество на делегации од 16 земји и домаќинот Грција (Египет, Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Франција, Израел, Италија, Јордан, Хрватска, Кипар, Либан, Црна Гора, Палестина, Романија и Турција), како и претставници од Европската комисија, Советот на Европа и Унијата за Медитеранот. Од Северна Македонија планирано е да учествува заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска. Министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Христос Стилианидис на денешниот технички брифинг со новинарите во пресрет на форумот рече дека состанокот е во контекст на Сендајската рамка намалување на ризикот од катастрофи, а одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина посочи дека „не е теоретска конференција, туку ќе има и практично влијание, практичен резултат’“, со оглед на тоа дека на крајот земјите учеснички ќе излезат со заедничко соопштение. Стилианидис, говорејќи за форумот и за важноста да се забрзаат процесите за регионалната сорбота рече дека Источниот Медитеран е „хот спот“ и „не постојат решенија само на национално ниво,  односно никој сам не може да најде решение, бидејќи сите сме во иста ситуација“. Паралелно рече дека со состанокот се истакнува и потврдува дека „улогата на Грција во европскиот механизам за цивилна заштита и во RescEU е многу важна“. -Европскиот хуб што се вика Грција е оној кој ќе ги поврзе европските институции, европскиот механизам за цивилна заштита RescEU со целиот регион, со земјите што не се членки ниту на Европската Унија, ниту на европскиот мехнизам, рече Стилианидис и додаде дека ќе се истакне улогата на Грција не само во делот поврзан со природните катастрофи, туку и геоолитички, бидејќи „дури и природните катастрофи имаат димензија што одгорвара на геополитичкото прашање“. На форумот, планирано е да се одржат три работилници и министерски  состанок, а министерот за климатска криза и цивилна заштитана Грција ќе одржи и билатерални средби со неговите колеги од земјите учеснички. ср/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан