• сабота, 23 ноември 2024

Вучиќ: Туркајте ја својата земја напред, добро е да бидете на европскиот пат

Вучиќ: Туркајте ја својата земја напред, добро е да бидете на европскиот пат
Скопје, 6 јули 2022(МИА) - Туркајте ја својата земја напред, добро е да бидете на европскиот пат, да се отвораат можности за привлекување на инвестиции, порача претседателот на Србија, Александар Вучиќ во интервју за телевизијата Сител во однос последниот француски предлог за деблиокада на европскиот пат на земјава. - Што ви е алтернативата? Дали ќе ве оптоваруваат на секое следно? Секако. Ќе прашуваат Бугарите за нешто, ќе прашуваат други за нешто друго. Секогаш нешто ќе се најде. Но, туркајте ја својата земја напред. На крајот дали некој ќе ви отвори кластер повеќе или кластер, помалку не е суштинско прашање, не е најважно. Но, добро е да бидете на европскиот пат, добро е да се отвораат можности за привлекување на инвестиции. Тоа е важно, тоа е добро, рече српскиот претседател Александар Вучиќ. Вучиќ смета дека иако ќе има пречки на европскиот пат треба да се решаваат и отстрануваат една по една и дека европскиот предлог не треба да се отфрли пред да се размисли добро за националните интереси. - Јас нормално не можам да ви кажам дали предлогот е добар или не, тоа нека го одлучат луѓето во Македонија. Јас можам само една работа да кажам, кога го прифаќавме Бриселскиот договор 2013 година, тоа беше многу тежок договор за нас со многу ставки за кои луѓето во Србија не сакаа ни да слушнат ни да ги прифатат. Македонските граѓани, пак ќе кажам тие подобро знаат од мене дали е нешто добро или не за националните интереси на нивната земја. Само ги молам луѓето да размислат, да размислат да не прифаќаат или да не отфрлаат нешто априори, истакна Вучиќ. Вучиќ посочи дека премиерот Димитар Ковачевски жестоки ги бранел позициите на земјава на Самитот во Брисел. - Јас можам да посведочам на искрената борба на Ковачевски во Брисел за својата земја и својот народ, рече Вучиќ. Тој посочи дека следи се што се случува и поддржува се она што неговите колеги Ковачевски и Рама го бараа во Брисел. - Многу храбро, остро, не само на конференциите со новинарите, туку и на самите средба посветена за Западен Балкан, дополни Вучиќ. Претседателот на Србија рече дека Северна Македонија и Албанија заслужуваат почеток на преговорите за членство во ЕУ. Според Вучиќ, овие две земји одамна го заслужија членството заради својата посветеност, постигнатите резултати исполнувањето на се она што го бараа од нив. - Јас за разлика од сите други не можам да зборувам на таков начин и немам право да зборувам на таков начин. Немам право да се мешам во внатрешните работи на македонските граѓани, народот и би било нефер да се однесувам онака, како и сам не сакам да се однесувам пред српските граѓани, рече Вучиќ. Тој ги повика македонските граѓани, разумно да ги постават работите, бидејќи само така ќе сфатат што добиваат, а што може да изгубат со почетокот на преговорите со Унијата, посочувајќи дека европскиот пат е тежок, но напредокот на земјата ќе биде од суштинска важност за сите. Вучиќ истакна дека Република Србија за разлика од Северна Македонија останала без дел од територијата, но иако тоа Србија не го прифаќа сепак чекори напред кон иднината. - Нас ни одзедоа значаен дел од територијата, вас тоа не ви го направиле. Така што, без оглед на тоа ние прифативме и тераме напред, иако не го признаваме независно Косово, не прифаќаме се што ни нудат низ поглавјето 35, но дали мора да истрпите некогаш и некои лоши работи, да морате. Мислам дека е најважно луѓето да ја знаат вистината, дека никој не ги манипулира со големи слики дека ќе тече мед и млеко затоа што нема ни вака ни така. Но, дали е полесно доколку имате отворени преговори, веројатно ќе биде економски полесно. На основа на тоа луѓето може да мерат, рече Александар Вучиќ Претседател на Србија нагласи и дека имам нешто што сака да им го порача на луѓето во земјава. - Србија не сака ништо од Северна Македонија. Ние ве доживуваме вас како наши браќа, нас не ни треба територија од Северна Македонија, нас не ни треба јазикот, го признаваме македонскиот јазик. Нас не ни треба црквата, ја признаваме македонската црква. Нас не ни треба ама баш ништо, освен пријателство и добри соседски односи. Тоа е единственото што ни е потребно“, рече Вучиќ. Соседна Република Србија пред шест месеци и официјално влезе во нова фаза од преговорите за пристап во Европската Унија, отворајќи го Кластерот четири. Порката на Вучиќ доаѓа во мемент кога во нашата држава се води дебата за францускиот предлог. ир/сп/

Остани поврзан