• четврток, 19 декември 2024

Вучиќ побара од Столтенберг да ја осигура безбедноста на Србите на Косово, првиот човек на НАТО повика на намалување на тензиите

Вучиќ побара од Столтенберг да ја осигура безбедноста на Србите на Косово, првиот човек на НАТО повика на намалување на тензиите

Белград, 19 јули 2023 (МИА) - Многу сум загрижен за последните настани на Косово, а не само на северот, изјави срспкиот претседател Александар Вучиќ во Брисел во пресрет на состанокот со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Тој побара од првиот човек на Алијансата да ја обезбеди безбедноста на Србите на Косово.

Столтенберг порача дека ги повикува страните да се воздржат од опасна реторика и да го обноват дијалогот и потсети дека НАТО го зголемил присуството на своите единици на Косово, јави дописникот на МИА од Белград.

- Ние ќе продолжиме да го одржуваме мирот во рамките на нашиот мандат. Многу е важно тензиите да се намалат и ги повикуваме двете страни да ги намалат тензиите и опасната реторика. Навистина веруваме дека дијалогот треба да се рестартира. Србија е долгорочен партнер и се надевам дека ќе се приклучи во овој дијалог на конструктивен начин, рече Столтенберг, додавајќи дека нападите врз мисијата на НАТО на Косово се неприфатливи.

Претседателот на Србија му се заблагодари на Столтенберг во седиштето на НАТО во Брисел за можноста да ја сослуша српската страна.

- Многу сум загрижен за ситуацијата во Косово. Не сакаме да ја играме играта на виновник. Ова станува се поопасно секој ден. Ситуацијата на северот на Косово, се што се случи е поради лошиот пристап на властите во Приштина затоа што сакаа да ги исклучат српските власти. Истовремено ги апсат српските државјани на различни начини и ги малтретираат без разлика каде живеат. До сега имавме многу професионални односи со силите на КФОР и се надеваме дека тоа ќе продолжи и дека сè ќе се оствари според резолуцијата 1244, рече Вучиќ.

Тој уште еднаш побара од Столтенберг НАТО да обезбеди сигурност за сите Срби на Косово.

- Ниту еден Албанец не е повреден во судирите, потсети Вучиќ и додаде дека Белград би сакал да одржува добри односи со НАТО, кои се засноваат на одговорност и доверба.

Вучиќ ја побара оваа средба за да го сврти вниманието на Столтенберг на речиси невозможниот опстанок на Србите на Косово, како што рече претходно.

- Тие трпат директен физички притисок и други форми на принуда, што неминовно резултира со намалување на српското население. Ова е форма на етничко чистење што се случува на почетокот на 21 век, рече претходно Вучиќ. об/паг/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан