• недела, 22 декември 2024

Вучиќ-Шолц: Србија добро ја разбра пораката на Германија

Вучиќ-Шолц: Србија добро ја разбра пораката на Германија
Белград, 4 мај 2022 (МИА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска по средбата во Берлин изјави дека германскиот канцелар Олаф Шолц порачал дека се што е потпишано меѓу Белград и Приштина мора да се имплементира, што важи и за Бриселскиот договор и дека Србија добро ја разбира пораката на Германија и на другите за војната во Украина, јави дописникот на МИА од Белград. - Што се однесува до односот на Србија кон правната и политичка природа на конфликтот во Украина, ние недвосмислено се изјаснивме, но единствено изјавата на Србија беше или неочекувана или делумно очекувана, за разлика од сите други, изјави Вучиќ на заедничката прес - конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц. Вучиќ рече дека Србија не го отворила поглавјето 31 и додаде дека како земја на патот кон Унијата има обврска постепено да се усогласува со одлуките на ЕУ. - Шолц беше многу јасен и силно ги повтори ставовите и барањата на Германија. Србија има поинаков став во однос на Косово и затоа ние имаме многу други проблеми, Србија беше под санкции цела деценија и имаме различно расположение кон санкциите. Добро ја разбравме пораката на Германија и детално разговарав за тоа со канцеларот. Нема сомнеж дека изборот на Србија е да биде на европскиот пат и ние ќе бидеме цврсто посветени на тој пат, иако анкетите покажуваат дека не е најпопуларен, српското раководство ќе го поддржи тој пат, рече Вучиќ. Коментирајќи ги најавите на косовскиот премиер Албин Курти дека Косово ќе поднесе барање за членство во одредени меѓународни организации, тој изјави дека доколку некој не сака да го почитува Вашингтонскиот договор, тогаш Србија ќе постапи во нејзин интерес и ќе го почитува српскиот Устав. Зборувајќи за регионалните односи, Вучиќ изјави дека ветил дека Србија нема да биде причина за никакви проблеми во регионот. - Не мислам дека едната страна е виновна за проблемите во Босна и Херцеговина и за тоа детално разговарав, додаде Вучиќ. Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека Германија го поддржува процесот на пристапување на Србија во ЕУ и дека тој лично ќе се заложи за тоа. Тој рече дека на средбата со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, разговарале за билатералната соработка, реакцијата на руската војна против Украина, но дека клучна тема била - колку е важен напредокот во дијалогот со Приштина. - Дијалогот е од големо значење за мирот и стабилноста во регионот на Југоисточна Европа, како и за евроинтеграциите на двете земји, рече Шолц, нагласувајќи дека сите отворени прашања треба да се решат во рамките на дијалогот и дека сите договорени обврски мора да се почитуваат. Многу е важно сите да испратиме иста порака, изјави Шолц за реакцијата на војната во Украина. Тој изрази загриженост за ситуацијата во БиХ, „поради сецесионистичките ставови на српскиот претставник Милорад Додик“. - Најважниот проект за регионалната соработка е формирањето на единствен регионален пазар и искрено се надевам дека ќе се финализираат четири договори за слободно движење на лица и признавање на дипломите, рече Шолц, најавувајќи со тоа посета на Србија и регионот за неколку недели. Шолц претходно се сретна со косовскиот премиер Албин Курти, со кого разговараше за визната либерализација за Косово, ситуацијата во регионот и соработката. На негова покана во Берлин престојува и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак. На иницијатива на Шолц вечерва ќе биде организирана работна вечера на која ќе присуствуваат Лајчак, Вучиќ и Курти. На вечерата треба да присуствува и специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин. об/паг/

Остани поврзан