• среда, 27 ноември 2024

Вуков тестираше на дождливата патека Муџело

Вуков тестираше на дождливата патека Муџело
Фиренца, 14 април 2021 (МИА) - Македонскиот автомобилист Ристо Вуков – Рико го одработи и вториот тест со автомобилот Порше 991 ГТ3, како подготовка за новата сезона од трките во Порше Карера Куп Италија. Откако го промовираше автомобилот во средината на февруари, Вуков веќе имаше еден тест со Порше на патеката Мизано во март, а помеѓу тој и овој тест следеше „гимнастика“ со возење картинг заради одржување на формата. Овој тест во Муџело траеше два дена (10 и 11 април), а она што беше специфично е дека на патеката во Емилија Ромања заврна дожд, па сите возачи мораа да ги приспособат своите тренинг програми. - Овој тест беше уште еден во низата приватни тестирања кои беа закажани преку тимот „GDL Racing“ за кој настапувам, а во мај ќе го имаме и официјалниот тест пред почетокот на сезоната организиран од промоторот на нашето првенство. Муџело е патека на којашто лани дебитирав во Порше Карера Куп, па веќе собрав доста километри искуство со возење на неа. Дождот не можеше да се случи во подобар термин, едноставно ни даде шанса да ги испробаме сите можни штелувања, од целосно мокра патека, до патека на која има застоена вода или патека што се суши. Буквално ниту еден круг не извозев со пневматици за суво време. Времињата не ни беа никаков репер, но беше добро да се види дека со менувањето на штелувањата постигнуваме посакуван напредок. Тоа ми дава самодоверба и се чувствувам чекор поблиску до посакуваната форма за стартот на првенството, изјави Вуков. Официjaлните тестирања во Имола се предвидени за 18 и 19 мај, а сезоната ќе започне со трките на 5 и 6 јуни. зс/

Остани поврзан