• понеделник, 23 декември 2024

Втор повик за финансиска поддршка на домаќинства од Лисиче кои се греат на огревни дрва

Втор повик за финансиска поддршка на домаќинства од Лисиче кои се греат на огревни дрва
Скопје, 17 март 2021 (МИА) - Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање објави втор повик за финансиска поддршка на домаќинствата од Лисиче кои се греат на огревно дрво, јаглен, нафта или отпад, со цел замена на старите грејни тела, со нови, енергетски поефикасни. Како што информираат од УНДП, на избраните домаќинства ќе им се помогне да ги заменат и старите - дрвени прозорци и врати заради зголемување на енергетската ефикасност во објектите во кои живеат. За овој повик може да аплицираат сите физички лица кои имаат постојано место на живеење во областа означена на мапата или во нејзина непосредна близина, оние кои за главен извор на загревање користат енергенти како огревно дрво, јаглен, нафта или отпад. Исто така, може да аплицираат лица кои прифаќаат да го исфрлат од употреба уредот и енергентот кој го користат за загревање - огревно дрво, јаглен, нафта или отпад, ги исполнуваат останатите услови од повикот и се согласуваат со истите. Пријавата со критериумите во електронска форма може да се преземете овде на веб страницата на УНДП. Преку повикот предвидено е да се поддржат околу 100 домаќинства. -Бројот на домаќинства може да се промени согласно висината на расположливите средства. Под „домаќинство” се подразбира едночлено домаќинство или заедница на членови на семејството, како и други роднини меѓу кои не постои законска обврска за меѓусебно издржување, кои заеднички живеат, придонесуваат, стопанисуваат и трошат, соопштија од УНДП. Финансиската поддршка за воведување на овие мерки е обезбедена од Шведската агенција за меѓународна соработка и развој - СИДА преку проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје”. Крајниот рок за пријавување е 5 април 2021 година.бт/ац/

Остани поврзан