• сабота, 23 ноември 2024

Втор пливачки маратон на браната Гратче кај Кочани реализираше кавадарчанецот Бошко Илиев

Втор пливачки маратон на браната Гратче кај Кочани реализираше кавадарчанецот Бошко Илиев
Кочани, 7 септември 2022 (МИА) – Педесет и седумгодишниот специјалист по спортска медицина Бошко Илиев од Кавадарци денеска го реализираше својот втор пливачки маратон на вештачкото езеро Гратче кај Кочани. Со тоа се вклучи во одбележувањето на 7 Септември – Денот на ослободувањето на Кочани, но и на својот роден град. Маратонот на Гратче годинава е четиринаесетти по ред за Илиев, при што девет пливал на езерата во Србија, Бугарија и Хрвастка, а останатите на Охридското, Преспанското, Паљурци и Крушевското езеро. - По мојот прв минатогодишен маратон на Гратче, видов дека се работи за прекрасно езеро, со одлична инфраструктура и услови за реализација на мојот подвиг, поради што и годинава повторно се вратив овде. Јас го правам како соло маратон и без никаков проблем овде поминав околу пет километри. Мислам дека со соодветна организација и вклучување на Пливачката федерација, во иднина ова езеро може да прерасне во соодветно место за маратонска пливачка трка, особено за помладите пливачи. Во изминатите две децении пливав маратонски на сите 17 езера во нашата држава и со оглед на природните карактеристики на Гратче и постојната инфраструктура, тоа има огромен потенцијал за реализирање на слични пливачки настани, истакна Илиев. Главната идеја на Илиев за реализација на пливачките маратони е да го промовира пливањето како здрава спортска и рекреативна дисциплина, но и да се популаризираат природните убавини и туристичките потенцијали на македонските езера. Условите за маратонското пливање на езерото Гратче беа одлични, со просечна температура на водата од околу 18 степени Целзиусови, Притоа обезбедена беше и соодветна поддршка и придружба од членовите на риболовното здружение „Кочански рибар“. та/дма/

Остани поврзан