• понеделник, 18 ноември 2024

Во четири средни училишта ќе има квалификациско тестирање в понеделник

Во четири средни училишта ќе има квалификациско тестирање в понеделник
Скопје, 19 јуни 2020 (МИА) – Во три средни училишта во Скопје, Струмица и Прилеп со здравствена струка за насоката медицинска сестра, како и во скопската гимназија „Орце Николов“  за билингвалните паралелки по англиски јазик се пријавиле повеќе ученици со максималниот број (75) бодови отколку што се предвидени слободни места во Конкурсот за прва година во 2020/2021 година,  соопштија од Министерството за образование и наука за МИА. Поради тоа, во четирите училишта в понеделник ќе се организира квалификациско тестирање од 10 часот. Се работи за СУГС „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје за медицинска сестра на настава на албански јазик, каде што се предвидени 102 ученика во три паралелки, а со ист број бодови се пријавени 166 ученици. Во СОУ „Димитар Влахов“ во Струмица, здравствена струка - медицинска сестра на македонски наставен јазик, слободни се 34 места односно една паралелка, а со исти бодови се пријавени 39 ученици, како и во СОУ „Ѓорче Петров“ во Прилеп, здравствена струка - медицинска сестра на македонски наставен јазик, за 34 места односно една паралелка конкурирале 44 ученици со максинални (75) бодови. На 22 јуни на квалификациското тестирање за учениците што се пријавиле за оваа насока во трите училишта ќе се организира проверка на знаењето по наставните предмети биологија и хемија на јазикот на кој тие  ја следеле наставата во основното училиште. Во скопската гимназија „Орце Николов“ квалификациско ќе има во билингвалните паралелки по англиски јазик. Тестирање ќе има по предметот англиски јазик на 145 ученици пријавени со 75 бода затоа што според Конкурсот треба да се примат 136 во четири паралелки. И ова тестирање ќе биде в понеделник, 22 јуни, од 10 часот во училиштето. Тестовите ги изработува Бирото за развој на образованието, а комисијата за организирање на квалификациското тестирање е формирана од членови на МОН, БРО и наставници од самите училишта. Средните училишта во земјава попладнево по 15 часот ги објавија ранг-листите со запишани ученици од првото пријавување во јунскиот рок за средно образование за учебната  2020/2021 година, кое беше спроведено на 16, 17 и 18 јуни,  а во некои училишта пријавување имаше и денеска  до 13 часот. Според роковите од Конкурсот, второто пријавување и запишување е на 24 и 25 јуни, а третото пријавување ќе биде на 29 јуни. хс/лв/  

Остани поврзан