• недела, 22 декември 2024

Сејдини: Поефикасно, поефективно и транспарентно судство преку снимање на расправите

Сејдини: Поефикасно, поефективно и транспарентно судство преку снимање на расправите

Скопје, 1 октомври 2024 (МИА) – Фемида системот за аудио и видео снимање на судските расправи ќе овозможи поефикасно, поефективно и транспарентно правораздавање во судниците и ќе придонесе кон враќањето на довербата во правосудството. Ова беше заклучокот од денешната промоција на системот во Управниот суд на Република Северна Македонија. 

Програмата која што е инсталирана во сите судови, како што информираше претседателот на Управен суд, Бурим Сејдини, чинела 21 милион денар од судскиот буџет. Според него, надоградбата и инсталирањето на нови технологи за задолжително аудио (тонско) снимање на судските расправи, ќе овозможи поефикасно, поефективно и потранспарентно правораздавање, во судниците. 

- Надоградените и нови технологи за задолжително аудио снимање на судските расправи гарантираат точни записници на судските рочишта, конечно овозможуваат да се стави крај на противречностите во врска со тоа што се кажа или не во судница, и ќе го подржат процесот на праведно судење кој се заснова на целосната комуникација во судницата, а не на тоа што ќе се репродуцира, рече тој.

Дополни дека имплементацијата на оваа технологија, продуцира трајни аудио записи од судниците за секој предмет, што, како што додаде, ќе придонесе за зголемување на професионализмот, интегритетот и етиката во судница.

- Групната јавна набавка се спроведе за триесет и еден суд во Републиката, а се опремени вкупно 81 судница со надградба на аудио SRS FEMIDA, осум судници со инсталирана нова аудио опрема на SRS FEMIDA, две судници со инсталирана нова аудио-видео опрема FEMIDA TRUE RECORDS. Би истакнал дека системите на СРС Фемида за аудио снимање на судските расправи се имплементирани во преку 16.000 судници низ светот, и претставуваат сериозна алатка во дигиталната сфера на правосудните системи на земјите кориснички, појасни Сејдини.

На прес - конференцијата по промоцијата на системот, претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, истакна дека имплементацијата на овој систем е еден од чекорите за враќање на довербата во судството кај граѓаните.

- Тонското снимање е гарант за етичкото однесување на судиите, од друга страна, ефикасен механизам за одбрана на судиите за обвинувањата за пристрасно и несоодветно раководење со расправата, рече таа.

Министерот за правда, Игор Филков, сподели дека иако оваа обврска нормативно правно е уредена во законите од 2010 година, цели 14 години подоцна, дури во 2024 година, ќе се применува во Управниот суд.

- Опремата за тонско снимање во Управниот суд се инсталира денеска. Да не губиме уште 14 години и да не чекаме пресуди од ЕСЧП кои ќе наложуваат да ги применуваме стандардите за фер судење, рече тој.

Дополни дека со оглед дека веќе нема оправдување за непостоење на технологија за тонско снимање, со фактот што сите судови се опремени, како што рече,  убеден е дека во наредните 15 дена системот ќе се применува насекаде.ар/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан