• петок, 22 ноември 2024

Во Словенија повторно се живее „нормално”

Во Словенија повторно се живее „нормално”
Љубљана, 4 мај 2020 (МИА) - Убавото време и укинувањето на повеќе ограничувања донесени поради епидемијата на коронавирусот е причина Словенија по подолго време да помине релативно „нормален” ден, јави дописникот на МИА од Љубљана. По речиси два месеца, како и низ целата држава така и во Марибор повторно беа отворени кафулињата и рестораните. Почитувајќи ги сите мерки на Националниот институт за јавно здравје, граѓаните повторно можеа надвор од своите домови да испијат кафе или да ручаат. Отворени се само надворешните делови, односно терасите од објектите, а на иста маса можат да седат само членови на исто семејство. Персоналот задолжително носи заштитни маски, а истото треба да го сторат и гостите кои сакаат да влезат во внатрешниот дел од угостителските објекти за да одат во тоалет. Слично беше и во Целје, каде што пред се постарите кои беа на пазарите го искористија убавото време и за да седнат во локалните кафулиња на пијалок и да се одморат. Според тоа каква беше сликава утринава во главниот град, по се изгледа на Љубљанчани највеќе им недостасуваа фризерските салони. Редовите пред овие објекти се направија поради тоа што за нивната работа сега важат строги протокли. Така на пример, за да се дојде на фризер неопходно е претходно телефонски да се закаже термин, а во објектот не смее да се влезе доколку се уште некој има внатре. Фризерите задолжително мораат да носат визир, заштитна маска и ракавици. Од денеска да се средат можеа и домашните миленици бидејќи и салоните за нега на домашните животни повторно беа отворени. Во Словенија денеска, втор ден по ред, не се регистрирани нови случаи на новозаразени со коронавирусот. Според најавата на Владата, набрзо ќе биде активиран и јавниот превоз, но како и за се друго и таму ќе важат строги мерки со цел спречување на повторното ширење на вирусот. ав/гт/

Остани поврзан