• понеделник, 23 декември 2024

Во пожар од запалени стрништа изгоре земјоделска механизација кај кочанското село Мојанци

Во пожар од запалени стрништа изгоре земјоделска механизација кај кочанското село Мојанци

Кочани, 17 јануари 2023 (МИА) - Во пожар предизвикан од палење на стрништата во оризовите полиња, доцна попладнево изгоре помошен објект и земјоделска механизација кај кочанското село Мојанци.

Од Територијалната противпожарна единица од Кочани за МИА информираа дека четири нивни екипи со возила интервенираат на неколку локации, а најсериозна е состојбата меѓу селата Грдовци, Мојанци и Горни Подлог.

Силниот ветер го отежнува гаснењето на оганот што се издига и по неколку метри, со оглед што гори сува слама и трска. Во атарот на Мојанци и покрај нашата интервенција, не успеавме да спасиме механизација за балирање слама и помошен земјоделски објект, кои целосно изгореа. Теренот е каллив и тешко пристапен, бидејќи во некои оризови ниви сè уште има вода. Поради брзото ширење на пламенот кон селото Горни Подлог, нашите пожарникари се обидуваат да го локализираат пожарот и да спречат евентуално оштетување на куќите и другите објекти во близина. Слично е и кај Грдовци, каде огнот дојде сосема блиску до првите куќи на влезот во селото. Во текот на ноќта ќе бидеме дежурни на терен, а доколку се јави потреба ќе ангажираме дополнителни екипи, истакна Драган Апостолов, командир на ТППЕ – Кочани.

Како што информира претходно ЦУК, во пожарот помеѓу селата Грдовци и Мојанци опжарена е површина со сува трева од околу 30 хектари, а изгореле и неколку плевни и една машина балирачка.

Според ЦУК, интервенцијата за гаснење на запалено стрниште во близина на Горни Подлог на повеќе пожарникари со противпожарни возила започнала околу 18 часот.

Палењето на стрништата и сламата по завршената жетва на оризот е вообичаена практика на земјоделците во овој период, а целта е да ги олеснат подготовките на површините за пролетната сеидба.

Пожарникарите упатија апел до оризопроизводителите да не ги палат жетвените остатоци во полињата за да се спречат материјални штети и посериозни последици за безбедноста за жителите од селата во полскиот регион. та/сп/

Тагови

Остани поврзан