• понеделник, 23 декември 2024

Во Крушево се одбележа уникатниот празник „Дева“ 

Во Крушево се одбележа уникатниот празник „Дева“ 
Крушево, 5 јануари 2022 (МИА) - Во центарот на Крушево вечерва се одржа манифестацијата „Дева“ која го одбележува вековниот празник навестувајќи го Христовото раѓање. „Дева“ е вековен празник во Крушево, единствен на овие простори, а манифестацијата организирано се одржа по 9-ти пат за да ги зачува традциите и овој празник, единствен на овие простори. Организатор на манифестацијата е средното крушевско училиште „Наум Наумоски Борче“. Според традицијата машките деца шетаат со давидовата ѕвезда, ги посетуваат крушевчани кои ги даруваат со пари. Марта Штерјоска од средното училиште „Наум Наумоски Борче“ објасни дека традицијата е вековна и единствена, а манифестацијата е за да ја зачува таа традиција. -Манифестацијата се одржува во организација на средното училиште „Наум Наумоски Борче“. Зпочна со проектот за одржлив развој на туризмот. Секоја година со пригодна програма се одбележува овој празник. Овој празник е само во нашиот град Крушево и во Витлеем. Машките деца шетаат со ѕвездата со што се навестува раѓањето на Исус Христос. Крушевчани ги даруваат со пари. Тие пари потоа се наменети за првото родено дете во Крушево, кое ќе се роди помеѓу двете Деви, посочи Штерјоска. Ученикот Сотир Маркоски е дел од манифестацијата и вели дека празникот Дева е посебен за крушевчани. -Дева е ѕвездата која се појавила на Исток. По неа тргнале мудреците од Исток. Таа ги однела во Витллем, во пештарата каде го нашле Исус повиен во јаслите. Му се поклониле и му принесле подароци како на цар, односно како на Бог. Оваа традиција во Крушево се празнува од памтивек. Машките деца шетаат со давидовата ѕвезда, сите од домовите излегуваат и ги даруваат и се пее песната „Дева мес“. Овој празник е уникатен за Крушево и крушевчани. Порано било многу помасовно, но сепак, традицијата се одржува, објасни Маркоски. Во рамките на манифестацијата, во центарот на Крушево беа поставени и штандови со ракотворби и уникатни производи, а на посетителите и туристите им се делеа топли пијалаци.ем/вј/

Остани поврзан