• петок, 22 ноември 2024

Во Казахстан референдум за уставни измени за крај на ерата на Назарбаев

Во Казахстан референдум за уставни измени за крај на ерата на Назарбаев
Нур Султан, 5 јуни 2022 (МИА) - Казахстан денеска гласаше на референдум за уставни измени со кои треба да се стави крај на ерата на поранешниот претседател Нурсултан Назарбаев и неговиот клан, кои беа на чело 30 години, но чија моќ беше разнишана од неодамнешните немири. Повеќе од 68 отсто од гласачите излегоа на референдумот до 16 часот, објави Централната изборна комисија, што е многу над потребните 50 отсто. Резултатите се очекуваат во понеделник. Најголемата поранешна советска република во Централна Азија, богата со минерали и јаглеводороди, беше сцена на насилство во јануари кога загинаа 230 луѓе. Овие немири, најсмртоносните од независноста во 1991 година, следеа по мирните протести против поскапувањето на горивото, но се претворија во судири меѓу органите на редот и цивилите. Како што пренесуваат странските агенции, пред немирите, актуелниот претседател Касим-Жомарт Токаев (69) се сметаше за сојузник на Нурсултан Назарбаев (81), претседателот кој поднесе оставка во 2019 година, „но ја задржа големата моќ од сенка“. Претседателот Токаев го промовираше референдумот како чекор кон либерализација на таа централноазиска земја, иако клучните лостови на власта и натаму ќе бидат во негови раце. паг/    

Остани поврзан