• понеделник, 23 декември 2024

Во деветте месеци од 2022 година, ТАВ Македонија има пораст од 82 отсто на патничкиот сообраќај во однос на лани

Во деветте месеци од 2022 година, ТАВ Македонија има пораст од 82 отсто на патничкиот сообраќај во однос на лани

Скопје, 18 октомври 2022 (МИА) - Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, забележаа силно закрепнување на патничкиот сообраќај во првите девет месеци од годинава, од јануари до крајот на септември, со што достигнаа вкупно 1,8 милиони патници (1.811.168) и 14.823 летови, информираа од ТАВ Македонија.

  Оттаму истакнуваат дека постпандемиското закрепнување на патничкиот авиосообраќај, кое на глобално ниво почна во 2021 година, на македонскиот пазар силно се почувствувало со почетокот на третиот квартал од годинава.  -Задоволни сме од закрепнувањето на авиосообраќајот и на скопскиот и на охридскиот аеродром што се случи годинава. Кога земјите од ЕУ, каде што е концентриран повеќе од 75 отсто од македонскиот авиосообраќај, постепено почнаа да ги укинуваат ограничувањата за патување поврзани со документацијата за Ковид-19 за патниците со македонски пасоши, веднаш се почувствува порастот на авиосообраќајот, вели генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак.

Тој посочува дека во првиот и вториот квартал преземале голем инвестициски проект – рехабилитација на пистата на скопскиот аеродром.

-Без затворање на аеродромот и со добра координација со авиокомпаниите, успеавме да ги одржиме постојните авиолинии. Дополнителен засилувач на растот на патничкиот сообраќај беше значителното зголемување на сезонските летови во летните месеци и на скопскиот и на охридскиот аеродром. Севкупно, во деветте месеци од 2022 година имаме зголемување од 82 отсто на патничкиот сообраќај во однос на истиот период од 2021 година, додека во однос на 2019 година која ја сметаме за референтна година во воздухопловството, или годината пред Ковид-19, нивото на патничкиот сообраќај изнесува - 12 проценти, вели Батак..

Генералниот директор на ТАВ потенцира дека ќе продолжат да работат на проширување на мрежата на авиолинии од скопскиот и од охридскиот аеродром, со отворање нови дестинации и привлекување нови авиокомпании кои ќе почнат да летаат од РС Македонија.

  Според статистиката за патничкиот сообраќај на ТАВ Македонија, дестинации со најголем сообраќај од скопскиот аеродром, од јануари до септември, биле: Истанбул (двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 13 проценти пазарен удел); Виена (6,3 отсто); Цирих (6,2 проценти); Базел Милуз (6,2 проценти); Анталија (5,4 отсто); Минхен Меминген (4,1 процент); Дортмунд (3,8 отсто); и Келн (3,1 процент). Што се однесува до распределбата на патничкиот сообраќај по земји, топ пет држави со директни летови се: Германија (23,7 отсто пазарен удел); Турција (20,1 процент); Швајцарија (14,2 отсто); Шведска (6,8 отсто); и Австрија (6,3 проценти). Во однос на учеството на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај на скопскиот аеродром, авиокомпанијата „Виз ар“ имала најголем број патници од јануари до септември (58,2 отсто пазарен удел); по што следат Туркиш Ерлајнс (12 отсто); Pegasus Airlines (6,4 отсто); Аустријан (6,3 проценти); Чер Ерлаjнс (5 отсто).   На охридскиот аеродром, за деветте месеци од годинава, најфреквентна дестинација за патување е Виена со 17,9 отсто пазарен удел, потоа Базел (15,4 отсто), Цирих (13,9 проценти), Малме (10,3 проценти), Меминген (10,2 проценти), Амстердам (9,2 отсто), Фридрихсхафен (8,7 отсто), Дортмунд (7,8 отсто), а останатите дестинации се со пазарен удел од 1,4 проценти.   Како што информираат од ТАВ Македонија, зимскиот распоред на летови 2022/2023 година на двата аеродрома ќе почне на крајот од октомври и според досегашните информации од авиокомпаниите, нема да има значителни промени во бројот на дестинации.   -Летовите на релација Скопје-Измир кои летово беа пуштени како сезонски, ќе продолжат во текот на целата година, а на оваа релација лета Пегасус ерлајнс. Дополнително, полската авиокомпанија ЛОТ којa по ковид-19 ги обнови летовите од Скопје до Варшава во јуни годинава, ќе продолжи да лета до полската престолнина, која е добра точка за трансфер кон Северна Америка, исто како што се и Истанбул и Виена од македонскиот главен град. Речиси сите дестинации што ги имаа двата македонски аеродрома пред кризата со ковид-19, сега се вратени, освен авиолиниите за Доха и Дубаи од скопскиот аеродром. ТАВ Македонија работи на враќање на овие две дестинации, бидејќи истите беа добри за трансфер за македонската дијаспора во Австралија и Нов Зеланд, како и поврзување за патниците кои патуваат во Јапонија, Кина, Индија и егзотичните дестинации на Истокот“, објаснува Батак.  Авиолиниите што беа воведени во услови на пандемија на Ковид-19 во 2020 и 2021 година, Москва и Санкт Петербург од Nordwind и Киев со Windrose, запреа со почетокот на војната Русија-Украина во првиот квартал оваа година. Друга авиолинија која беше оперативна само два месеца годинава, беше рутата Скопје – Софија на бугарската авиокомпанија GullivAir, која почна во март, а запре на крајот на мај.  Во моментов, 15 авиокомпании летаат од Меѓународниот Аеродром Скопје (Air Serbia, Austrian Airlines, Croatia Airlines, Edelweiss, Chair Airlines, Pegasus Airlines, Turkish Airlines, LOT, Aegean, Wizz Air, Easyjet, Corendon, Air Cairo, EnterAir, Sunxpress) до вкупно 43 редовни и 4 сезонски дестинации. На охридскиот аеродром оперираат осум авиокомпании (Wizz Air, Edelweiss, Chair Airlines, TuiFly, LOT, Germania Flug, Arkia) кои летаат до вкупно 12 дестинации, вклучувајќи ги редовните и сезонските.  ир/бак/

Тагови

Остани поврзан