• вторник, 24 декември 2024

Во Виница ќе се гради покриен пазар со катна гаража

Во Виница ќе се гради покриен пазар со катна гаража
Виница, 25 јуни 2021 (МИА) – Во Виница наскоро ќе почне изградбата на нов градски пазар, за што денеска во просториите на локалната самоуправа беше потпишан договор со изведувачот „Промонтинг“ од Скопје. Вредноста на инвестицијата е близу 25 милиони денари, а објектот ќе се гради на местото на стариот пазар, на површина од над 1.800 квадратни метри. -Новиот градски пазар ќе биде покриен и ќе има простор за продажба на овошје и зеленчук, млечни и месни производи, административна просторија, како и санитарни јазли. Останатата површина е планирана за тезги, патеки за пешаци и возила, а на второто ниво ќе има катна гаража и пристапна рампа за лица со посебни потреби. Реализацијата на проектот беше ветувана во изминатите триесет години, а конечно ќе почнат работите на терен, со што граѓаните ќе добијат современо уреден простор за пазарување, истакна градоначалникот на Виница, Ивица Димитров. По потпишувањето на договорот и воведувањето на фирмата изведувач во работните обврски, изградбата на покриенот градски пазар треба да се комплетира во рок од една година. За да се реализира целиот проект, претходно Општината донесе нов Детален урбанистички план за централното градско подрачје, со кој беше изменето постојното урбанистичко решение на стариот плоштад во Виница.та/свс/

Остани поврзан