• сабота, 23 ноември 2024

Во Брисел објаснувачки скриниг за Поглавјето 10, Маричиќ вели дека земјава веќе има преземено чекори за усогласување на постојните политики на ЕУ

Во Брисел објаснувачки скриниг за Поглавјето 10, Маричиќ вели дека земјава веќе има преземено чекори за усогласување на постојните политики на ЕУ

Брисел, 17 октомври 2022 (МИА) – Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ, на денешниот објаснувачки скрининг состанок за Поглавјето 10, „Информатичко општество и медиуми“, истакна дека реформите што ги спроведува земјава се одржливи, нашиот напредок е препознаен и оти ни се даваат нови можности преку скрининг процесот, побрзо и полесно да ги постигнеме ЕУ стандардите во ова поглавје. 

Маричиќ кажа дека Северна Македонија веќе има преземено чекори за усогласување со постојните политики на ЕУ и дека главна цел на Владата е да обезбеди висококвалитетни јавни услуги за граѓаните и бизнисите. - Ја препознаваме важноста од трансформирање на општеството и донесување нови можности за бизниси и технологија. Нашите реформи се одржливи, нашиот напредок е препознаен и ни се даваат нови можности преку скрининг процесот, побрзо и полесно да ги постигнеме ЕУ стандардите во ова поглавје. Нашата цел е да обезбедиме одржлива економија и дигитализација на услугите на приватниот и јавниот сектор, рече вицепремиерот Маричиќ во своето обраќање пред Европската комисија. Вицепремиерот во својот говор ги истакна и досегашните достигнувања во оваа област, потенцирајќи дека успеавме да го воведеме бројот за итни случаи ЕУ 112, на кој во моментот се работи за неговата правилна имплементација. Главниот преговарач со ЕУ најави дека конечните верзии на Националната стратегија за ИКТ и Акционен план 2021-2025 се веќе подготвени, консултирани со јавноста и ќе бидат финализирани во следните месеци, како и дека ќе продолжи спроведувањето на Националниот оперативен план за широкопојасен интернет. Во таа насока Агенцијата за електронски комуникации поддржана од Канцеларијата презема чекори со кои ќе се олеснат условите за воведување на 5G и ќе се стимулира влезот на нови технологии и оператори. - Препознавајќи ја важноста на сајбер безбедноста, ја подготвуваме и новата Национална стратегија за сајбер безбедност 2023-2027 година, со акцент на градење и подобрување на националните капацитети за сајбер безбедност, безбедност и отпорност на критичната информациска инфраструктура, подигање на свеста и меѓународна соработка, додаде вицепремиерот Маричиќ. Маричиќ во однос на законодавната агенда истакна дека го подготвуваме Законот за безбедност на мрежи и информациски системи, за кој се очекува текстот да биде финализиран во првите месеци од 2023 година. Дополнително главниот преговарач со ЕУ рече дека ќе следуваат измени на Законот за употреба на податоците од јавниот сектор, со цел усогласување со Директивата на ЕУ за отворени податоци и повторна употреба на информации од јавниот сектор (2019/1024), во насока на зголемување на транспарентноста во институциите од јавниот сектор, подобрување на ефикасноста на работата на јавната администрација и придонес за намалување на корупцијата на сите нивоа. Денеска во Брисел со отворањето на објаснувачкиот скининг состанок за Поглавјето 10, започна објаснувачкиот скрининг за Кластер 3, „Конкурентност и инклузивен раст“. тм/нд/

Остани поврзан