• четврток, 19 декември 2024

Во Битола почна фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“

Во Битола почна фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“

Битола, 26 јули 2022 (МИА)-Со македонското оро „Комитско“ во изведба на КУД „Илинден“, вечерва во Битола почна 52 издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“.

Фестивалот за отворен го прогласи потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Горан Мисовски кој во своето обраќање ја поздрави публиката и сите претставници на како што рече светската фолклорна ризница.

-Музиката, фолклорот и игрите, иако универзална цивилизациска категорија и дел од светското културно наследство, во исто време претставуваат и значајни елементи кои го дефинираат, чуваат и развиваат националниот идентитет на секој народ. Со тоа, тие стануваат вистинските амбасадори на културното богатство на својот народ. А секој народ има нешто посебно со што се гордее и што му ја грее душата, нели? Секако и ние имаме вредности кои нашите предци векови наназад знаеле и успеале да ги сочуваат, развиваат и пренесат на помладите генерации како дел од нашиот национален и културен идентитет, истакна Мисовски.

Илинденските денови се културното ехо на Манифестот од 1903-та и универзалниот повик за слобода и за човечки правдини. Ние, Македонците, одамна ја дигнавме главата, но не за да покориме некого туку за да живееме во разбирање со секого. Нашата вековна мудрост нė научи дека оној што ни задал низок удар веќе доволно се наведнал пред нас и се понижил и пред историјата и пред фактите, нагласи во својот говор министерката во Министерството за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска.

-Нашето срце, од колено на колено, бие во седум осмински такт зашто само така сме живи. Ние песна не украдовме, ние песна подаривме. Ние оро не позајмивме, ние на оро повикуваме. На овој бел свет, верувам, не постои човек кој барем не слушнал колку е и „проста и строга“ македонската песна, колку е длабока македонската музика, колку е страствен, а тежок чекорот во македонското оро . И оттаму велиме,ако има некој што не ја знае и не ја разбрал нашата историја, нека ја запее нашата песна, нека го изигра нашето оро – тие ќе му кажат сė. Затоа, рече министерката Костадиновска Стојчевска, сцените на овој Фестивал нека побудат во сите нас топла и силна емоција и благодарност што можеме да уживаме во неа.

Пред аудиториумот во Битола, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска ги покани гостите од државата и светот да ги следат сите фестивалски вечери.

-Традиционалната музика и игра, староградските песни, лесниот чекор на Танец, магијата под прстите на Влатко Стефановски, сите песни и игри од три континенти – нека одекнат низ Битола, преку Широк сокак и Хераклеја да грмне низ коријата до славно Крушево. Ова е екот во чест на сите кои од дното на своето срце викнаа Ура, ја создадоа првата Република на Балканот и ни го подарија македонскиот празник над сите празници – Илинден. Зашто без него ни АСНОМ 44-та, ни 8-ми септември 91-ва. Ако на музиката и се радува Вселената и ако со нашиот танц ја веселиме Земјата, тогаш да запееме и да заиграме под ист бајрак, бајракот на уметноста, за да се наполни и душата, нагласи Костадиновска Стојчевска.

Во името на градот домаќин, учесниците и гостите ги поздрави градоначалникот Тони Коњановски, а во име на организаторот на фестивалот се обрати Маја Андоновска Илијевски, директорка на НУ Центар за култура-Битола. мт/ир/

Остани поврзан