• петок, 22 ноември 2024

Во библиотеката „Искра“ во Кочани се одржа 49. Детски поетски фестивал „Мајски цвет“

Во библиотеката „Искра“ во Кочани се одржа 49. Детски поетски фестивал „Мајски цвет“
Кочани, 31 мај 2022 (МИА) – Во општинската библиотека „Искра“ во Кочани, денеска се одржа завршната манифестација од 49. Детски поетски фестивал „Мајски цвет“, на која беа прогласени најдобрите творби по објавениот конкурс на слободна тема. Гранприто „Димитар Гогов“ на фестивалот го освои осмоодделенката Анастасија Соколова од ОУ „Синиша Стоилов“ од Зрновци, за песната „Ми недостига она малку... ама многу ми недостига“. Второнаградена е Невена Јованова, ученичка во шесто одделение во ОУ „Никола Карев“ од Радовиш, а третата награда ѝ припадна на Санела Ѓоргиева, ученичка во осмо одделение во ОУ „Страшо Пинџур“ од село Соколарци. - По двегодишно организирање на манифестацијата без физичко присуство на учесниците поради пандемијата, на овогодишниот фестивал учествуваа 25 библиотеки, литературни клубови и основни училишта од државата, чии членови и ученици испратија исто толкав број поетски творби. Задоволни сме од одѕивот и од квалитетот на испратените творби, што е потврда дека младите ја сакаат и негуваат поезијата. Во соработка со литературниот клуб „Копнеж“, чии членови беа дел од жири комисијата, ја исполнуваме целта на библиотеката да го афирмираме детското поетско творештво, напишано од ученици кои се од шесто до деветто одделение во основното образование, истакна Коце Стојменов, директор на библиотеката „Искра“. Наградата за најдобар ментор ѝ припадна на Далиборка Милојсова, наставничка во ОУ „Синиша Стоилов“ од Зрновци, а специјална награда доби и професорката Вера Стојкова од ОУ „Раде Кратовче“ од Кочани. Исто така, награди за придонес во одржувањето на манифестацијата добија литературниот клуб „Процвет“ од Домот на културата „Злетовски рудар“ од Пробиштип, ОУ  „Кочо Рацин“ од Кратово и народната библиотека „Гоце Делчев“ од Велес. Стручната комисија на фестивалот „Мајски цвет“ додели и пофалници за поетските творби на Мила Ивановска од Куманово, Сара Ангелова од Делчево, Уна Гранков од Кочани, Ања Димновска од Велес и Ангела Арсиќ од кумановското село Умин Дол.та/сх/

Остани поврзан