• понеделник, 23 декември 2024

Владо Поповски за МИА: Нема потреба од ревидирање на Уставот сè додека не станеме членка на ЕУ

Владо Поповски за МИА: Нема потреба од ревидирање на Уставот сè додека не станеме членка на ЕУ
Скопје, 17 ноември 2021 (МИА) – Денешниот Устав е одличен пример за граѓански, демократски и европски Устав, смета професорот Владо Поповски, кој заедно со професорите Љубомир Фрчковски и Лазе Китановски учествуваше во подготовка на работниот текст на првиот Устав од независноста на земјата. Три децении подоцна, Поповски во разговор за МИА евоцира спомени за настаните и за процесот на изработка и донесување на конечната верзија на највисокиот правен акт на државата. - Од тогашниот премиер на Република Макеоднија, Никола Кљусев и претседателот Киро Глигоров беше побарано дека на државата и е потребен Устав во рок од шест месеци. Професорот Евгениј Димитров по Уставно право, веднаш се откажа, со образложение оти не е возможно за шест месеци да се направи Устав. Фрчковски ме информираше и почнавме да го пишуваме Уставот на Република Македонија врз база на повеќе устави и нашето разбирање за карактерот на државата. Уставот го правевме во една кабина, во дворот на незавршена куќа на Китановски и на 30 април бевме готови, раскажува Поповски. Текстот бил предаден на Глигоров, Кљусев и Андов. Претседателот Глигоров, на 6 мај, шест дена по читање на текстот покренал постапка за донесување на нов Устав. -  Процедурата почна на таков начин што тој предлог на претседателот отиде на Уставна комисија, а претседател на комисијата беше Стојан Андов. Тој ја свика седницата на Уставната комисија. Фрчковски и јас бевме членови на Уставната комисија, предложени од СДСМ. Бидејќи претседателот не овласти да бидеме застапници на предлогот што претседателот на Републиката го дава за донесување на Уставот пред Уставната комисија, ние требаше тој текст да го браниме па затоа поднесовме оставка од Уставната комисија и станавме застапници на предлогот, со што почна донесувањето, додава Поповски. Со 2/3 мнозинство, Собранието донесе одлука да се пристапи кон нов Устав, по што Комисијата започнала со работа. Прво бил донесен нацрт на Уставот, по што тој бил утврден и даден на јавно разгледување. Откако биле добиени предлози од различни субјекти и јавноста, се направило резиме и се сумирале предлозите и повторно биле испратени до Уставната комисија да се утврди предлогот на Уставот. Кога предлогот бил утврден во Собранието, како што вели Поповски, следела голема расправа. Устав на РМ - Расправата беше по три линии. Првата ја застапувавме ние како предлагачи, да се донесе демократски Устав на Република Македонија што ќе ги застапува човековите права и по механизмите на заштита на тие човекови права, по организација на власта и спроведувањето на Уставот во смисла на строго почитување. Втората линија на која што се инситираше да се донесе национален Устав или Устав што ќе зборува само за македонска нација, а сите други да бидат малцинства, со малцински права, раскажува Владо Поповски. Вториот отпор, Поповски вели дека го имале од албанските партии кои побарале да бидат во Уставот, односно да ја искажува Република Македонија како национална држава на македонскиот народ, но и како држава на Албанците и Турците. -Со цел да се направи Устав на Република Македонија како демократска држава на сите граѓани кои живеат во неа, актуелната дефиниција на карактерот на Македонија, во тоа време според Уставот беше демократска држава на сите граѓани кои живеат во државата, појаснува Поповски. Раскажува дека тоа било предвидено подоцна од кога амбициите на албанскиот блок се дефинирале како амбиции на посебна државност во државата и од тие причини, при гласањето, албанските пратеници не гласале за Уставот. Уставот бил даден на оценка пред Бадинтеровата комисија која констатирала оти е демократски, современ по моделот на демократските европски устави. Бадинтеровата комисија при осамостојувањето на поранешните југословенски република дала одобрение за уставите на Република Македонија и на Словенија, укажувајќи дека името Македонија не пречи во меѓународното признавање на државата. На таа основа тогаш државата била признаена од Бугарија, Турција, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина..., но беше оспрувано од Грција. Поповски за МИА оценува и дека направените измени во изминатите три децении не неправиле штета на основниот текст на Уставот. Како позначајни ги посочува измените поврзани со Охридскиот рамковен договор и Преспанскиот договор. Охридскиот рамковен договор, според Поповски е единствената вистинска промена и решенијата на договорот што се вградени во Уставот се одличен пример на граѓански, демократски и европски Устав. -Односнот на Владата, по донесување на Уставот во 1991 година создаде голем процеп во однесувањето меѓу Македонците и Албанците. Се до 2001 година зрееше процесот за реформи од типот на Охридскиот договор и тоа е вистинската реформа што значи квалитет, оној што беше изоставен со македонскиот национализам и бранот што беше во Југославија, вели Поповски. Последната промена што Уставот ја претрпе беше во 2019 година кога македонското Собрание со 81 глас „за“ ги изгласа четирите уставни амандмани за менување на уставното име од Република Македонија во Република Северна Македонија по стапување во сила на Договорот од Преспа. Собранието го донесе и Уставниот закон за спроведување на амандманите. -Интервенцијата на Преспанскиот договор имаше една долга историја од 1991 година до моментот кога се склучи договорот. Претходно имаше и други решенија за државата, што можеа да бидат прифатени, но тоа се пропушти и претседателот Глигоров се откажа од тој процес, велејќи дека времето ќе ги отсее работите и ќе го реши проблемот на државата со името. Грција остана на своето барање и  по Лисабонската декларација кога успеа да го убеди Еропскиот Совет да донесе одлука дека Република Македонија може да биде признаена доколку во името не го содржи зборот „Македонија“, залагањата на Глигоров и целата македонска јавност беа оти не може да се брише именката и тоа што е именски супстракт на најголемата национална група што се избори за самостојна држава, вели Поповски. По Лисабонската декларација, Поповски раскажува дека  следела Единбуршката декларација којашто налагала да се најде решение и едноставно се оцени дека меѓународната тежина, положба, углед на Грција е незаменлива со потребата да се признае барањето за име онака како што Република Макеоднија сака да биде. -Инсистирајќи на сето тоа, бевме блокирани од Грција комплетно, а можеше да отстапи до таму со оглед на внатрешните односи, историската практика кон македонското прашање, суетата и нашата маргиналност во меѓународен план во таа насока, додава професорот. На прашањето дали има потреба од повторно отворање и корекција на Уставот, професорот Владо Поповски истакнува дека тој ќе мора да се погледне и ревидира кога Република Северна Македонија ќе стане членка на Европската Унија и кога во рамките на тој статус ќе треба да ги усогласи своите конечни решенија на релација со ЕУ. Дотогаш нема потреба, и Уставот не го попречува процесот на преговорите. Кристина Ивановска    

Остани поврзан