• недела, 22 декември 2024

Владата ја одржа 66-та седница, донесени повеќе одлуки

Владата ја одржа 66-та седница, донесени повеќе одлуки
Скопје, 13 јуни 2020 (МИА) - Владата на  седницата одржана вечерва донесе повеќе одлуки, но во соопштението нема информација дека се расправало и за да се предложи продложување на вонредната состојба, која завршува вечерва на полноќ.
Од владината прес-служба информираат дека во рамки на 66-тата седница донесен е Протокол за непречен транзит на странски државјани низ територијата на Република Северна Македонија, одобрени барањата на 476 компании со барања за поддршка во висина од 316.038.500 денари, Донесени уредбите за поддршка на учениците и студентите за дигитални вештини, за сместување и за студирање, и за училишен прибор.
 
Владата на Република Северна Македонија на денешната 66-та седница го донесе Протоколот за непречен транзит на странски државјани низ територијата на Република Северна Македонија, кој утврдува дека државјаните на други држави кои транзитираат низ територијата на Република Северна Македонија можат, до целосната либерализација на режимот за влез и излез во нашата држава, можат да ги користат следните гранични премини: Табановце, Деве Баир, Богородица, Ќафасан, Блаце и аеродром Скопје. Транзитот на овие лица подразбира влез на еден граничен премин и излез на друг со обврска при транзитот да не се излегува од соодветниот автопат или локален пат и тој да се реализира во рамките на најмногу 5 часа што се потврдува со изјава која странските државјани треба да ја пополнат на влез, а на излез треба корисникот да ја предаде на граничната полиција со цел да се контролира времетраењето на транзитот.
Владата денеска ја усвои информацијата на  Развојната банка на Северна Македонија за барањата кои ги исполнуваат критериумите од Јавниот повик бр.1 за кредити од кредитната линија од Компензационите фондови од странска помош  со цел намалување на последиците од коронавирусот КОВИД-19, и ја задолжи банката да склучи договори за кредит со кредитобарателите кои ги исполнуваат критериумите во Јавниот повик бр.1, наведени во доставените Список бр.3 и Список бр.4, односно со 476 компании со барања за поддршка во висина од 316.038.500 денари.
Во врска со овие информации на Развојната банка на Северна Македонија, Владата донесе заклучок да се разгледаат можностите за обезбедување дополнителни средства заради големиот интерес од компаниите за овие мерки за намалување на последиците од коронавирусот КОВИД-19.
На оваа седница Владата донесе измени на Уредбата со законска сила за примена на Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој - Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за поврзување на локални патишта за време на вонредна состојба, со кои, по претходна согласност од Светска банка, се овозможува преостанатите средства до 37 милиони евра од овој заем да се пренаменат за исплата на плати на работниците за месец јуни 2020 година, согласно мерката за финансиска поддршка за исплата на платите во висина од 14.500 денари.
На денешната седница Владата ја разгледа информацијата и ја утврди потребата од проверка на веродостојноста на дадените податоци до Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, согласно Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање на домашна платежна картичка наменета за купување македонски производи и услуги за време на вонредна состојба.
Владата донесе измени на Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање на домашна платежна картичка наменета за купување на македонски производи и услуги за време на вонредна состојба, согласно која криптираните податоци содржани во Листите на корисници на финансиска поддршка согласно со оваа уредба со законска сила, се доставуваат на чување во Државниот архив, врз основа на Записник за секое примопредавање на податоците подготвен од страна на тричлена комисија која ја формира Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија, од редот на вработените административни службеници во Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија.
Уредбата определува дека за веродостојноста на податоците содржани во Листите на корисници на финансиска поддршка согласно со оваа уредба со законска сила, одговорни се институциите кои ги доставиле.
Владата денеска ги прифати и измените и дополнувањата на Уредбата со законска сила за формирање Фонд за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19, со кои со оваа уредба сега се опфатени и естрадните работници, како и  радиодифузерите кои од регулаторното тело надлежно за работите од областа на радиодифузија добиле дозвола за емитување преку јавна електронска комуникациска мрежа што не користи ограничен ресурс или преку сателит, за надомест на трошоците за пренос на сигнал за 2020 година.
Во врска со оваа уредба, Владата денеска донесе измени и дополнување на одлуката за начинот на исплата на средства од сметката за донација на Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот КОВИД – 19, во која се додадени естрадните уметници и радиодифузерите кои од регулаторното тело надлежно за работите од областа на радиодифузија добиле дозвола за емитување преку јавна електронска комуникациска мрежа што не користи ограничен ресурс или преку сателит, за надомест на трошоците за пренос на сигнал (дотур на модулации) за 2020 година.
Владата на оваа седница донесе Уредба со законска сила за начин на наплата на надоместоците од страна на Јавното претпријатие Македонска радиодифузија од радиодифузерите кои вршат радио емитување за време на вонредна состојба, со која, заради економските последици од корона кризата на радиодифузерите кои обезбедуваат радио емитување (радија) Јавното претпријатие Македонска радиодифузија нема да им ги наплаќа трошоците за обезбедување на енергетско напојување на радиодифузни уреди за 2020 година и трошоците за закуп на деловен простор на радиодифузни објекти на ЈП МРД за 2020 година, определени со Ценовникот на услуги на јавното претпријатие.
Радиодифузерите кои до денот на влегувањето во сила на оваа уредба ги платиле надоместоците за обезбедување на енергетско напојување на радиодифузни уреди за 2020 година и надоместоците за закуп на деловен простор на радиодифузни објекти на ЈП МРД за 2020 година, ќе се смета дека извршиле плаќање на надоместоците за 2021 година, согласно Законот за основање на Јавното претпријатие Македонска радиодифузија.
На денешната седница Владата ја донесе Одлука за распределба на финансиски средства наменети за финансиска поддршка на здруженија и фондации за мерки за справување со КОВИД-19 кризата за распределба на финансиски средства наменети за финансиска поддршка на здруженија и фондации за мерки за справување со КОВИД-19 кризата, со која се доделени на 40 гранта на здруженија и фондации, во вкупна вредност од 29.647.474  денари. Владата ја разгледа и усвои Информација за реализација на мерката 1.3 од Третиот сет економски мерки за ревитализирање и рестарт на економијата во услови на КОВИД-19, и даде согласност за ваучери за средношколци кои доаѓаат од семејства со ниски приходи во максимален износ до 3.000 денари да се искористат за купување на училишен прибор, и за оваа намена донесе Уредба со законска сила за доделување на средства на ученици запишани во јавните средни училишта за купување на училишен прибор, а кои се од семејства со ниски приходи за време на вонредна состојба.
Денеска е донесена и Уредбата со законска сила за издавање на ваучери на млади лица за стекнување со информатичко-технолошки и дигитални вештини заради подобрување на нивната конкурентност на пазарот на труд за време на вонредна состојба, со која се уредуваат условите, начинот и постапката за издавање и користење на ваучери со номинална вредност до 30.000 денари, издаден од Министерството за образование и наука, на млади лица за обуки за дигитални вештини заради подобрување на нивната конкурентност на пазарот на трудот, погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот КОВИД-19.
Средствата за спроведување на оваа уредба се обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија преку Програмата на Министерството за образование и наука П1-Мерки за справување со КОВИД-19 кризата, во вкупен износ од 150.000.000,00 денари.
На денешната седница е донесена и Уредба со законска сила за плаќање на дел од партиципацијата во трошоците за студирање за студенти запишани за прв пат на прв циклус на студии на јавните високообразовни установи во Република Северна Македонија, партиципација за сместување во студентски дом и партиципација на трошоците за приватно сместување на студенти чие образование се финансира од буџетот на Република Северна Македонија, а се од семејства со ниски приходи за време на вонредна состојба.
Студентите опфатени со оваа уредба можат да искористи само една од партиципациите за трошоците за студирање за студентите која е еднократна и изнесува до 6.000 денари, еднократната партиципација на трошоците за сместување во студентски дом до 6.000 денари, или партиципацијата на трошоците за приватно сместување за студентите од член, која исто така е еднократна и изнесува до 6.000 денари.скс/

Остани поврзан