• четврток, 19 декември 2024

Високите цени на горивата го вратија добитокот за орање на оризовите ниви во кочанско

Високите цени на горивата го вратија добитокот за орање на оризовите ниви во кочанско
Кочани, 15 март 2022 (МИА) – Наместо со трактори и друга земјоделска механизација, дел од земјоделците во Кочанско почнаа со добиток да ги ораат и да ги подготвуваат оризовите ниви пред претстојната пролетна сеидба. Драстичното зголемување на цените на моторните горива и дополнителните давачки се причина што обработката на земјоделските површини оваа сезона ќе биде во специфични услови, во обид да се намалат трошоците за производство на ориз. - За орање користам две маски со кои дневно може да се обработи и до половина хектар, ако се работи од утро до мрак. Поскапувањето на дизелот полека нè враќа неколку децении наназад, па орањето, превозот на ѓубривото и на семенскиот материјал ќе ги правиме како во времето на нашите дедовци и прадедовци. Напорно е, побавно оди подготовката на земјиштето, но со оглед што на овој начин ќе заштедам околу две илјади евра за четири хектари, сосема оправдан е трудот. Одгледувањето на животните, главно за храна, ме чини околу двеста евра во текот на зимскиот период, што ја потврдува исплатливоста. Во текот на пролетта и летото, додека трае напасувањето, нема трошоци за добитокот. Засега работам само на мои површини и тоа ќе ми биде доволно за оваа сезона, вели Славе Петров, земјоделец од Кочани. Покрај заштедата на средства, предност во орањето со добиток е што земјоделците не се зависни од временските услови, односно обработката може да се реализира и на влажни површини на кои механизацијата не може да влезе. Сепак, во кочанскиот регион има малку грла што можат да се користат за оваа намена, поради што повеќето земјоделци и сезонава ќе мора да користат трактори за подготовка на нивите за сеидба. Според најавите од водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани, се планира пролетва во регионот со ориз да се засеат околу 4.500 хектари, што е на исто ниво како и минатата година. та/фф/

Остани поврзан