• недела, 22 декември 2024

Василичарскиот карневал во Куратица и оваа година без големо дефиле на групни маски

Василичарскиот карневал во Куратица и оваа година без големо дефиле на групни маски
Охрид, 12 јануари 2022 (МИА) – Членството на Здружението „Свети Василиј“ од охридското село Куратица донесе одлука и оваа година да изостане дефилето на групни маски во рамки на традиционалниот Василичарски маскенбал. Заради ситуацијата наметната со епидемијата на коронавирусот, Управниот одбор на Здружението, во консултација со надлежните институции, донесе одлука прославувањето на Свети Василиј Велики да се спроведе со дневна веселба на сретсело на 14 јануари од 14 часот. За добро расположение на домаќините и посетителите ќе се погрижи оркестарот „Маестрал“ од Битола, а ќе се сервира пијалак и традиционалното локално јадење „варејнца“. Жителите на Куратица го празнуваат православниот празник Свети Василиј Велики со василичарска поворка низ сите домаќинства во селото, карневал односно дефиле под маски со натпреварувачки карактер и сенародна веселба. На централната манифестација во Куратица имало и над две илјади посетители. Карневалот во Куратица од година во година се збогатува со нови содржини и се вбројува меѓу позначајните во државата, покрај струмичкиот, вевчанскиот, прилепскиот. Жителите на Куратица велат дека карневалот е стар исто колку што е старо и селото. Непотврдени податоци говорат дека маскирањето во Куратица има традиција што датира од далечната 1575 година. Се надеваат дека наредната година ќе ја продолжат традицијата. аб/ир

Остани поврзан