Вархеј: Пристапувањето на Србија во ЕУ е важно и за Белград и за Брисел
- Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеј денеска на отворањето на Европската недела на можности изјави дека приемот на Србија во ЕУ е стратешки план кој е подеднакво важен за Србија и за европската заедница.
Белград, 21 јуни 2023 (МИА) - Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеј денеска на отворањето на Европската недела на можности изјави дека приемот на Србија во ЕУ е стратешки план кој е подеднакво важен за Србија и за европската заедница.
Вархеј рече дека ЕУ направила историски избор кога ги започнала преговорите за пристапот на Србија.
„Србија избра да биде дел од Алијансата на силни и просперитетни земји, а ЕУ направи историски избор кога ги започна преговорите за пристапување на Србија. Веќе направивме план за поддршка на Србија на овој пат и развивме економски инвестициски план, преку кој се определени девет милијарди евра грантови и 30 милијарди евра регионални инвестиции за подобрување на транспортот, дигиталната и енергетската инфраструктура“, рече еврокомесарот.
Тој додаде дека реализацијата на овој план се одвива според очекувањата и нагласи дека проектот за железничката линија Белград-Ниш е важна инвестиција поддржана од ЕУ со 2,2 милијарди евра.
„ЕУ ја поддржува Србија и кога станува збор за енергетската криза, обезбедивме пакет помош за Западен Балкан во износ од една милијарда евра, а првата половина од оваа сума е за поддршка на домаќинствата во ризик, што Србија веќе го има. Граѓаните кои се во ризик, со помош на Владата на Србија, ја осетија оваа поддршка со намалување на сметките за струја“, рече Вархеј.
Тој додаде дека има дополнителни средства за поддршка на диверзификацијата на Србија за да стане енергетски независна.
„Европската унија е најголемиот инвеститор и трговски партнер на Србија“, рече Вархеј, нагласувајќи дека придобивките од ова партнерство се взаемни.
Во текот на Неделата на можностите ќе бидат претставени можностите за соработка меѓу Србија и Европската унија во областа на економијата и бизнисот, спортот, културата, медиумите, образованието и други области. паг/
Фото: МИА архива