Бугарскиот државјанин кој измами кумановка за 30.000 евра доби четири години и десет месеци казна затвор
- Основниот суд Куманово го осуди шеесетгодишниот државјанин на Р. Бугарија и на Р. Србија, Предраг Миленков за кривично дело измама на затворска казна од четири години и десет месеци. Тој во јануари годинава со други непознати лица ја измами 66 годишна кумановка за 30.000 евра.

Куманово, 24 март 2025 (МИА) - Основниот суд Куманово го осуди шеесетгодишниот државјанин на Р. Бугарија и на Р. Србија, Предраг Миленков за кривично дело измама на затворска казна од четири години и десет месеци. Тој во јануари годинава со други непознати лица ја измами 66 годишна кумановка за 30.000 евра. Судијата Саша Ѓорѓевиќ од Основниот суд Куманово денеска ја изрече пресудата против Миленков од Софија и го прогласи за виновен за кривичното дело-измама, затоа што на 31. јануари годинава околу 12: 30 часот по договор со непознати лица, меѓу кои и Миленков ја довеле во заблуда кумановската и ѝ побарале пари за да ја ослободат од затвор ќерка ѝ за наводната сообраќајна несреќа. Судијата Ѓорѓевиќ рече оваа појава е многу зачестена во земјава.
- Не е само за противправно одземениот имот во висок износ, туку се работи и за сериозно нарушување на приватноста, емоциите на семејството, поради што Судот смета дека обвинетиот заслужува висока казна за ова кривично дело. Максимално предвидената казна е пет години затвор, судот на обвинетиот му изрекува казна затвор во траење од четири години и десет месеци. На семејството Величковски, му се досудува износ на противправно одземените предмети во вкупен износ од околу 30.000 евра, а за траумите што ги претрпеле поради наводната лоша вест и болката што ја преживеале ќе бидат упатени на граѓанска постапка, рече судијата Ѓорѓевиќ.
Обвинетиот има право на жалба во рок од 8 дена. По затворската казна тој ќе биде протеран од државата. На читањето на пресудата не присуствуваше Миленков.
Семејството Величковски се задоволни од речиси максимално донесената пресуда, но се сомневаат дека ќе им бидат надоместени парите кои Миленков во соработка со непознатите им ги одзел. Инаку, на претходните рочишта членовите на семејството кажаа дека на мајката и се јавила жена која плачела дека наводно ќерка и прегазила мигрант, а маж и побарал 50.000 евра. Шеесет и шестгодишната кумановка кажала дека нема толку пари, измамникот и кажал дека син ѝ има. Таа се јавила на синот кој бил на работа и кажал на мајка му да ја земе неговата заштеда и да ја спаси сестра си од затвор. Сфатиле дека се измамени откако сопругот на оштетената се јавил кај ќерка по што пријавиле во полиција која после две недели го уапсила Миленков и кај него бие пронајдени 75 банкноти од по 50 евра.
Одбраната тврдеше дека нема докази за делото, обвинителство бараше висока казна како поука, бидејќи голем број граѓани се оштетени. Само во Куманово од почетокот на годинава беа регистрирани шест измами за наводни сообраќајни несреќи. Граѓаните, претежно повозрасни платиле скоро 46.000 евра, највисоката е 30.000, најниската 650. ам/
Фото: МИА