• понеделник, 23 декември 2024

Бубрезите и коските од донорот на срцето ќе се трансплантираат кај пациенти кои имаат потреба од нив

Бубрезите и коските од донорот на срцето ќе се трансплантираат кај пациенти кои имаат потреба од нив
Скопје, 17 април 2021 (МИА) - Пациентот кој денеска го прими срцето од донор е на возраст од 22 години и има сериозно заболување кое го оштетува срцето, соопштија од Министерството за здравство. Од починатата девојка донор наредните денови ќе се трансплантираат и  бубрезите како и коски за пациенти со тешки фрактури кои немале можност да стават протези и карциноми кои им ги оштетиле коските. Претходно министерот за здравство Венко Филипче за МИА изјави дека трансплантацијата поминала успешно и дека пациентот постепено се буди.
-Два бубрега од донорот денеска ќе бидат трансплантирани кај пациенти кои со години се на дијализа. В понеделник наутро коската со метастази на пациент кој се лекува на Клиниката за ортопедија ќе биде заменета со здрава коска од починатата девојка. Уште десетина пациенти кои боледуваат од карцином кој им ги оштетил коските и пациенти со тешки фрактури кај кои нема можност да се стават протези ќе добијат заменски коски од починатиот донор. Ова е прва ваква експлантација направена во земјава, се наведува во соопштието од Министерството.
Тие упатуваат голема благодарност до семејството на починатата пациентка кое се согласи да ги донира органите на својата ќерка. Огромна е жалоста за загубата на младата пациентка, но голема е утехата дека нејзиниот живот ќе продолжи преку неколку други.
Тимот кој учествуваше во оваа комплексна операција е од некоку кардиохируршки центри. Според МЗ, тие уште еднаш ни докажаа дека нашиот систем располага со тим на хирурзи кој функционира беспрекорно.
Во процесот на трансплантација учествуваа доктори од клиниките за КАРИЛ, Урологија, Кардиохирургија, Ортопедија, Нефрологија, Радиологија, Кардиологија, Рентген институот, Клиниката Жан Митрев и Аџибадем Систина.
-Благодарни сме на сите лекари кои учествуваат во постапката на утврдување на мозочна смрт, во експлантација и во трансплантацијата на органи, како и на сите оние кои логистички ја поддржаа постапката, истакнуваат од Министерството за здравство. бк/ац/

Остани поврзан