• понеделник, 23 декември 2024

Бројот на жртви во тропската бура Ана во Јужна Африка се зголеми на седумдесет

Бројот на жртви во тропската бура Ана во Јужна Африка се зголеми на седумдесет
Антананариво, 27 јануари 2022 (МИА) - Бројот на жртви во тропската бура Ана во Јужна Африка денеска се зголеми на седумдесет. Во понеделникот таа го зафати Мадагаскар, а потоа и Мозамбик и Малави. Сè уште се проценува целосниот обем на штета што го предизвика бурата. Мадагаскар соопшти дека има 41 жртва, во Мозамбик загинаа 18 лица, а 11 го изгубија животот во Малави. Бурата премина и на Зимбабве, но таму не се соопштени смртни случаи. Десетици илјади домови се оштетени во трите најпогодени земји. Мостови беа однесени од надојдени реки, стоката се удави, а потопени се и нивите, уништувајќи ја егзистенцијата на семејствата во селата. Во Мадагаскар 110.000 лица мораа да ги напуштат своите домови. Во главниот град Антананариво, училишта и спортски сали се претворени во засолништа за итни случаи. Во северниот и централниот дел на Мозамбик, бурата Ана уништи 10.000 куќи, десетици училишта и болници и урна далноводи. Метеоролошката служба на Мозамбик очекува во наредните денови да се формира нова бура над Индискиот Океан. До крајот на сезоната на дождови во март, се очекуваат до шест тропски циклони. Во Малави, Владата прогласи состојба на природна катастрофа. Поголемиот дел од земјата остана без електрична енергија на почетокот на неделата. Електричната енергија беше вратена во некои делови. - Сега ни е приоритет да го вратиме снабдувањето со електрична енергија во здравствените установи, системите за третман на вода, како и во училиштата, се наведува во соопштението на националната енергетска компанија. бд/ссм/

Остани поврзан