• понеделник, 23 декември 2024

Бислимоски: Нови 300 MW капацитет од обновливи извори за енергија ќе бидат приклучени на мрежа годинава

Бислимоски: Нови 300 MW капацитет од обновливи извори за енергија ќе бидат приклучени на мрежа годинава

Скопје, 29 април 2023 (МИА) - Нови 300 мегават часови инсталиран капацитет од обновливи извори за енергија се очекуваат да бидат приклучени на мрежа годинава, што е двојно повеќе од минатата година, најави  Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) и претседател на Бордот на регулатори  од Енергетската заедница, при учеството на Енергетскиот самит во Неум, Босна и Херцеговина.

Според Бислимовски, со ова темпо на инвестиции за производство на струја од обновливи извори на енергија, државава за година и половина ги достигна таргетите од  Зеленото сценарио  што требаа да се реализираат до 2040 година од Енергетска стратегија.

Ние треба сега да ја ревидираме Енергетската стратегија во овој дел, затоа што околностите во енергетската криза драстично го променија темпото на реализација на инвестиции за производство на струја од Сонце, ветер и вода, рече Бислимоски.

Тој на панелот ги сподели искуствата на земјава која ги има во делот од Националниот план за енергетика и климатски промени. 

Првиот човек на РКЕ, како што пренесува прес-службата на РКЕ, посочи дека декарбонизацијата е дел од енергетската транзицијата затоа што залихите на јаглен се трошат, а производството се пренасочува кон капацитети од обновливи извори и производство на електрична и топлинска енергија од високо ефикасни комбинирани постројки. 

- На нашата мрежа се приклучени производни капацитети со инсталиран капацитет од 2000 MW, а во моментов четири пати е поголем интересот за инвестиции во обновливи извори и достигнува 8000 MW инсталиран капацитет, од кои најмногу се инвестиции во фотоволтаични централи и ветерни електрани. Решението се гледа во батериите за кои сега работиме на воспоставување на правила и процедура. Батериите и се поизвесната реализација на ХЕЦ Чебрен ќе  служат за балансирање во електро-енергетскиот систем во земјава. Тоа е реалноста во процесот на транзиција кон која државата стратешки и со план се има поставено. Несомнено ќе имаме нова нормалност - од земја која до сега домашно производство на струја доминантно се базира на јаглен, сега ќе имаме производство од обновливи извори, рече Бислимоски.

Енергетскиот самит во Неум го отвори амбасадорот на САД во  Босна и Херцеговина  Мајк Марфи  а на панелите учествуваа експерти од енергетскиот сектор, меѓу кои и  Артур Лорковски, директорот на Енергетската заедница. сх/лв/

Фото: МИА архива

Остани поврзан