• понеделник, 18 ноември 2024

Бесплатни стоматолошки услуги за 300 социјално ранливи граѓани

Бесплатни стоматолошки услуги за 300 социјално ранливи граѓани
Скопје, 17 јули 2022 (МИА) - Стоматолошкиот  факултет - Скопје при УКИМ на вкупно 300 социјално ранливи граѓани (150 мажи и 150 жени) ќе им овозможи бесплатни услуги - лекување и екстракција (вадење) на заби, дентални реставрации, ендодонтски третман, протетичка рехабилитација и флуор профилакса. Пациентите најпрво ќе бидат индивидуално, темелно прегледани, а потоа ќе добијат и соодветни термини - кога точно да појдат на Клиниката за да им бидат изведени потребните зафати. Се работи за проект на Стоматолошкиот факултет што ќе се реализира со поддршка на Градот Скопје и во соработка со партнеритe - ЈЗУ Универзитетски стоматолошки клинички центар „Св. Пантелејмон’’ и „Интердентал“ Скопје. Целта е санирање и постигнување оптимално орално здравје кај лицата од ранливите категории, подобрување на системското (општо) здравје, како и превенција, мотивација и едукација за правилна орална хигиена. Јавниот повик треба да биде објавен во август, но претходно ќе биде организирана негова промоција во сите скопски општини. Сите сеопфатни, превентивни и куративни услуги ќе бидат изведени во рамки на практичната настава на Стоматолошкиот факултет, во новите сали за вежби на студентите, под директна супервизија на наставниот кадар, во наставната база на ЈЗУ Универзитетски стоматолошки клинички центар „Св. Пантелејмон’’ во Скопје. Како што вели за МИА професорката од Стоматолошкиот факултет Снежана Пешевска, конечен показател за успешноста на проектните активности ќе бидат здравиот, реставрираниот стоматогнатен систем и вратената убава насмевка на пациентите. -По селекција на кандидатите, избрани ќе бидат оние што ќе ги исполнат условите на конкурсот, вкупно 300 учесници (150 мажи и 150 жени) од различни возрасни групи. Кај нив ќе биде направен преглед и пополнети ќе бидат почетните податоци во посебно дизајнирано картон-досие. Дијагностиката, планот на терапија, а потоа  и извршените стоматолошки интервенции ќе бидат евидентирани во досието, заедно со рентгенграфските записи, фотографиите и клиничките индекси за проценка на оралното здравје (пред и по терапијата). Ако бидат изработени протетички надоместоци, ќе биде прецизиран и нивниот вид, објаснува Пешевска. Професорката нагласува и дека секој поединец ќе добие средства за одржување орална хигиена, соодветни за условите во неговата дентиција, а предвидена е и едукација за нивна правилна примена. Доколку се оцени, пак, дека има потреба од антибиотска терапија или локални антисептици, и тие ќе се препишат (дадат) без финансиски надомест. - Директните корисници на проектот ќе добијат потполна реставрација на дентицијата, оптимално здравје на забите и  забнопотпорниот апарат, правилна мастикација (џвакање на храната), превенција од нарушувањата на темпоромандибуларниот зглоб и индиректно, со ова, подобро општо здравје. Секако, не помалку значајно е што кај  граѓаните од оваа категорија ќе ја вратиме убавата насмевка, постигнувајќи естетика. Едновремено ќе ја подобриме и фонетиката, со што ќе влијаеме на самодовербата и на подобрување на социјалното живеење, потенцира Пешевска. Според неа, потврдено е дека популацијата со неповолен социо-економски статус има и полошо орално здравје. Токму овие социо-економски нееднаквости во оралното здравје претставуваат голем предизвик за здравствената политика, не само зашто повеќето од нееднаквостите може да се сметаат за неправедни, туку и зашто може да се придонесе за намалување на последиците од оралните заболувања на сиромашните групи, а со тоа и да се подобри состојбата на оралното здравје на населението во целина. -Лицата кои имаат пониски приходи се и поретки посетители на стоматолошките ординации. Причината за поретката  посета на стоматолог не е само цената на стоматолошките третмани, туку и непостоењето навика за посета на стоматолог, што секако е поврзано со образованието. Голем број од лицата со ниски приходи заради  преокупираноста со изнаоѓање на сите можни решенија за задоволување на основните животни потреби, не наоѓаат време за посета на стоматолог.  Поради тоа, овие луѓе се  помалку едуцирани и мотивирани од страна на стоматолозите за одржување  орална хигена. Тоа води кон зголемена гингивална инфламација, напредување на пародонталната болест, несанирани кариозни лезии, нефункционален стоматогнатен систем,..., децидна е професорката. Таа дополнува и дека задоволството на студентите и наставно научниот кадар на Стоматолошкиот факултет од вклучување во пружање стоматолошки услуги на полесно достапен начин и од сеопфатен обем кај социјално ранливата категорија граѓани, ќе биде индикатор не само за општествената корисност и хуманиот аспект на професијата, туку и за унапредување на образовниот процес. -Развивањето институционална долгорочна соработка од ваков вид на ниво на Град Скопје, а во иднина и на ниво на одделните општини во Скопје, е во агендата на Факултетот, истакнува Пешевска. Деканот на Стоматолошкиот факултет, професор Ќиро Ивановски смета дека овој проект ќе ги направи далеку подостапни стоматолошките услуги за социјално ранливите граѓани. Како што нагласува, тие се соочуваат со многу проблеми во секојдневното живеење и грижата за оралното здравје не им е приоритет. Стоматолошките интервенции претежно ги бараат при акутни, болни состојби, по чие решавање, генерално, не продолжуваат со санација на целата дентиција. Фактор кој придонесува за ваквата состојба, секако, нагласува деканот, се и финансиските средства за партиципација во еден дел или во потполност - кога станува збор за фиксните стоматолошки протетички изработки. -Рамноправноста во однос на останатите категории граѓани сметаме дека ќе биде потполно постигната. Сите имаат еднакво право на здравствена заштита, но проблемите во секојдневното живеење ги ставаат превентивните мерки за заштита на оралното и општото здравје далеку од приоритетите кај граѓаните од социјално ранливите категории. Специфичностите на  овие категории граѓани поставуваат и потреба од специфичен пристап, но и многу полесно достапна стоматолошка заштита. Приоритет кај оваа популација не е само решавањето на ургентните состојби (болка и акутни дентогени инфекции), туку потполна санација и рехабилитација на стоматогнатниот систем, односно постигнување оптимално орално здравје и едновремена едукација за правилна орална хигиена со која ќе се одржат постигнатите тераписки резултати, како и редовните контролни прегледи, подвлекува деканот. Во разговор за МИА тој посочува и дека најчесто, за жал, пациентите од социјално ранливата категорија граѓани ги решаваат само ургентните состојби. Остануваат, вели, потенцијалните дентогени жаришта во оралната средина со нарушено здравје, што има свои импликации и врз општото здравје на поединците. -Со овој проект ќе се обезбеди достапност, координирана, јасно определена тераписка стратегија за секој поединец, која ќе биде остварена преку потполна санација на оралното здравје и протетичко рехабилитирање кога е потребно (мобилни и фиксни протетички надоместоци), што ќе води до оптимално орално и подобрено општо здравје, напоменува Ивановски. Согласно динамиката на предвидените активности, јавниот повик за учество во проектот ќе биде објавен идниот месец, на веб и фејсбук страниците на Стоматолошкиот факултет и на Градот Скопје, во печатените и електронски медиуми. Претходно е планирана промоција во сите скопски општини преку посета на установи и директни средби со граѓани. Селекцијата на кандидатите кои ќе ги исполнат условите и ќе учествуваат во проектот ќе биде во септември, а закажувањето на прегледите и нивното спроведување во октомври. Дел од проектот не може да бидат лица со попреченост кај кои стоматолошките интервенции се изведуваат во кабинетот за општа анестезија и не се предвидени за клинички вежби на студентите, лица со хендикеп кај кои стоматолошките интервенции се изведуваат во приемна амбуланта на приземјето од причина што истите не можат да се упатат на погорните катови и да бидат прифатени на студентските вежби, лица со заразни заболувања (hepatit, HIV и останати) кај кои стоматолошките интервенции се изведуваат во инфективна амбуланта и не се предвидени за клинички вежби на студентите, како и лица зависници од дроги кои исто така се примаат во инфективна амбуланта и не се предвидени за клинички вежби на студентите. Една од анкетите на Државниот завод за статистика покажува дека според 72 отсто од испитаниците главна причина за непосета на стоматолог е неможноста финансиски да ја платат услугата - сметаат дека услугата е премногу скапа. Стоматолошкиот факултет годинава веќе реализираше сличен проект, но во соработка со Црвениот крст. Во рамките на оваа координирана активност околу 200 возрасни лица кои физички не се во можност сами да посетат стоматолог, беа згрижени и добија спектар на услуги: лекување и пломбирање кариозни заби, екстракција (вадење) на заби, пародонтална терапија, а дел и протетска рехабилитација. Проектот базиран на Mеморандумот за соработка меѓу двете институции, е се уште во тек, а ги опфаќа и бегалците, вклучувајќи ги и оние од Украина кои ја напуштија земјата поради конфликтот со Русија. Мирјана Чакарова

Остани поврзан