• вторник, 17 декември 2024

Берлин и Париз со заеднички предлог за измени на Стратешката агенда на ЕУ

Берлин и Париз со заеднички предлог за измени на Стратешката агенда на ЕУ

Брисел, 27 јуни 2024 (МИА) - Во рамки на дебатата за Стратешката агенда на ЕУ за периодот 2024-2029 година на денешниот Самит на Унијата во Брисел, Германија и Франција излегле со заеднички предлог за серија измени во планот што ги поставува правците на дејствување и целите на блокот за следниот период, брифираат извори кои се во тек со расправата. 

Според истите извори, Берлин и Париз предлагаат во делот на Агендата посветен на проширувањето да се додаде одредба дека паралелно со овој процес, треба да се постават и неопходните внатрешни основи и да се спроведат реформите за да се исполнат долгорочните амбиции на ЕУ и да се решат клучните прашања поврзани со нејзините приоритети и политики, како и да се зајакне нејзиниот капацитет за акција во услови на новата геополитичка реалност и се покомплексните предизвици. 

Во врска со климатската политика се предлага да се додаде дека Унијата ќе продолжи со имплементација и понатамошен развој на Зелениот договор, а во делот на политиката на конкурентноста, според германско-француската идеја се предлага преразгледување на европските правила и практики за конкуренција и да се дозволи формирање конзорциуми и консолидација во клучните сектори со цел да се зајакне европската отпорност. 

Берлин и Париз предлагаат во делот за одбраната да се додаде дека „посилна и поспособна Европска Унија во областа на безбедноста и одбраната позитивно ќе придонесе за глобалната и трансатлантската безбедност и ќе биде комплементарна со НАТО, кој останува „основата на колективната одбрана за нејзините членки“. 

Во исто време, чешкиот премиер Петр Фиала на платформата Икс објави дека во рамки на Стратешката агенда, ЕУ во „текот на следните пет години мора да се фокусира на безбедноста и конкурентноста“. 

- Треба ефикасно да се справиме со миграцијата, да ја намалиме бирократијата и да го намалиме обемот на регулативи што ги засегаат граѓаните и бизнисите, наведе Фиала во објавата. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан