• сабота, 23 ноември 2024

Бектеши: Ќе се реши проблемот со струјата во Слупчане, секој мора да си ја плаќа сметката

Бектеши: Ќе се реши проблемот со струјата во Слупчане, секој мора да си ја плаќа сметката

Скопје, 6 јули 2023 (МИА) - Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека денеска ќе биде решен проблемот со дефектот во липковско Слупчане поради кој ова и уште неколку села од вчера се без струја. Со оглед дека жители на Слупчане не дозволуваат интервенции од странана ЕВН, Бектеши денеска изјави дека градоначалникот на Липково Еркан Арифи веќе разговарал со населението, а ако треба, како што рече, ќе се вклучи да помогне и Министерството за економија.  

Според Бектеши, ЕВН има право да постапи согласно регулативата и правилниците од Регулаторната комисија за енергетика и од Законот за енергетика како што има и обврски за надградба на мрежата. Секој, потенцира министерот, мора да си ја плаќа сметката. 

 -Убеден сум дека и за конкретниот случај за Слупчане, ќе биде решена ситуацијата денеска и како што беше решено и во другите населени места и таму  ЕВН ќе продолжи да работи согласно со обврските што го има како дистрибутер и универзален снабдувач. Утринава разговарав со градоначалникот Арифи, колку што  имам информација градоначалникот прави одлична работа, разговара со сите населени места, ако треба да помогнеме  како Министерство секако дека ќе се вклучиме, не само во конкретниот  случај, каде и да се случи во Северна Македонија тука сме за да им излеземе во пресрет ако ја бараат нашата помош. Но, во делот на плаќање струја секој граѓанин кој се  снабдува со електрична енергија во државата има обврска тоа да го  направи, како што е обврска на ЕВН да ја подобри мрежата за сите населени  места подеднакво да имаат исти услуги, изјави Бектеши. 

Прашан за институционално решение на проблемот со оглед на загубите од вакви случаи, министерот посочи дека „не треба да ја генерализираме работата имајќи предвид дека , Министерството за економија согласно надлежностите повикувајќи се на Законот за енергетика и подзаконските акти креира клима со цел да се намалат загубите и во преносот и во кражбите“. 

-Како Министерство за економија и јас лично сум вклучен со цел на сите граѓани да им порачаме дека електричната енергија мора да се плати секаде и тоа ќе биде како и со случајот во Арачиново и другите населени места -  секој граѓанин треба да го плати тоа што го троши како струја. Така функционира и пазарната економија и регулираната економија имајќи во предвид дека цените за домаќинствата ги утврдува Владата преку ЕСМ, има голем дел од  влијанието и целосно сме посветени загубите да бидат минимални, рече Бектеши.

Од претходната година досега, дополни министерот, со поддршка и од Министерството за економија и од други институции, загубите што во одредени места беа големи веќе се намалени и на таков начин ќе продолжи и во иднина.

Како што соопшти ЕВН, поради дефект, што вчера го предизвикале жители на Слупчане кои по прекин на струјата насилно и противзаконски влегле во енергетски објект, обидувајќи се сами да го вратат напојувањето, без струја се и селата Оризаре, Ваксинце и Лојане.

Од ЕВН укажаа дека мештаните на Слупчане не дозволуваат операторот на дистрибутивниот систем да ги исполни своите законски обврски да ја одржува, надградува и да постави системи за точно мерење на електричната енергија.

-Екипите на електродистрибуција не може да го санираат дефектот сè додека не добијат цврсти гаранции дека ќе се овозможат нормални услови за работа. Дефекти предизвикани од неовластени манипулации како во случајов, одземаат многу време да се санираат. Кражбите на електрична енергија во ова село се 80, а наплатата е само 20 проценти, посочија од ЕВН.лв/аа/

фото: Министерство за економија 

 

 

 

Остани поврзан