• сабота, 23 ноември 2024

Арсовски: На подготовките за СП испративме максимално подготвени репрезентативци, а на турнирот тие се појавија демотивирани и во екстремно лоша форма

Арсовски: На подготовките за СП испративме максимално подготвени репрезентативци, а на турнирот тие се појавија демотивирани и во екстремно лоша форма

Штип, 18 ноември 2023 (МИА) – Жарко Арсовски, еден од тренерите на најтрофејниот каратист во Македонија, Емил Павлов и еден од тренерите на карате клубот Штип, реагира на слабите настапи на македонските репрезентативци на Мундијалот во Унгарија.

- На подготовките за сениорското светско првенство во карате, што се одржа во Будимпешта минатата седмица, домашните тренери испратија максимално подготвени репрезентативци кои требаше да освојат медали, а на првенството ниту еден од нив не покажа ниту 30% од своите можности. Што се случуваше на подготовките на репрезентативците и зошто толку драстично им падна формата за само две недели? –се запрашува Арсовски.

Тој тврди дека формата им била крајно лоша, но не по нивна вина. Арсовски објаснува дека пред почетокот на подготовките репрезентативците биле во врвна форма, а тоа може да го потврди бидејќи голем дел од нив се негови ученици што ги тренира, а останатите се каратисти со кои заеднички се подготвувале за настапи, како и за идните предизвици во каратето.

- Ќе земам слобода да дадам мислење за Емил Павлов, затоа што е мој натпреварувач. Емил на Балканското првенство во финалето се сретна со актуелниот вицешампион, Ненад Дуловиќ од Црна Гора. Тоа беше борба каде Емил беше видно оштетен, а борбата заврши 6:5 за Дуловиќ. Емил тогаш покажа карактер на спортист кој сѐ уште е во врвот на каратето, да им парира на светските карате велесили и да биде во борба за нов светски медал. Втората контрола на формата на Емил беше Серија А, светска лига во Ларнака-Кипар. Одлични 4 победи и 2 минимални порази буквално во последните секунди, а притоа многу поени во сите борби со многу пресврти. Ги гледав сите наши репрезентативци на Балканското првенство и на Серија А и бев пријатно изненаден. Сите каратисти покажаа желба за победа и голема пожртвуваност, некои освоија медали, а сите останати беа многу блиску до освојување. По ова, нашите спортисти заминаа на подготовки за Светското првенство со нивниот селектор и не беа под контрола на тренерите нешто повеќе од две недели, истакнува Арсовски.

Не може да си објасни што се случи на шампионатот.

- Кога почнаа борбите се случи токму спротивното, со многу малку освоени поени, многу порази, без желба за победа. Едноставно како сите да чекаа конечно првенството дазаврши. Нема да спомнувам имиња, туку ќе кажам дека ниту еден репрезентативец не беше на ниво на своите можности. Меѓутоа, сигурен сум дека не се тие виновни. Останува прашањето,што се случуваше на подготовките? Зошто толку драстично им падна формата за само недели? Дали беа премногу форсирани или недоволно тренирани за тие две недели кога не беа под наша грижа? Дали беа тактички погрешно советувани? Дали имаше некои кавги и несогласувања во самиот тренинг центар, па тоа негативно влијаеше на спортистите? Дали беа недоволно мотивирани? – прашува Арсовски.

На крајот во својата реакција, Арсовски побара барам оставка од селекторот Александар Кузмановски. 

Претходно, и тренерот на Макпетрол, Бошко Заборски реагираше на слабите резултати на македонските каратисти на СП и побара смена на стручниот штаб на репрезентацијата. зс/

Остани поврзан