• понеделник, 23 декември 2024

Апсења во Истанбул при обидот за организирање Парада на гордоста

Апсења во Истанбул при обидот за организирање Парада на гордоста

Истанбул, 25 јуни 2023 (МИА) - Турската полиција уапси демонстранти од ЛГБТ+ заедницата во Истанбул кои денеска се обидоа да одржат Парада на гордоста и покрај забраната на властите, објави турското издание „Дувар“, не прецизирајќи го бројот на уапсени.

Во рамките на денешниот 21. Прајд во Истанбул, полициски екипи со бариери ги блокираа сите улици кои водат кон булеварот Истиклал и централниот плоштад Таксим, а запрени се и услугите на метрото и жичницата.

Активисти на ЛГБТ+ заедницата прочитаа соопштение во паркот Мустак, по што планираа марш до Таксим, но полицијата ги спречи, пренесува БТА.

„Има една работа што забораваат оние кои сакаат да ни забранат сè, дури и чајанки - ние секогаш сме биле тука“, се вели во соопштението. „Денес сме тука и покрај сите ваши забрани и покрај вас. Гласно изјавуваме дека нашата борба нема да се вклопи во една парада или една недела, дека секој наш марш е марш на честа“, изјавија активистите.

Многу настани планирани да се одржат во рамките на месецот на гордоста на ЛГБТ+ заедницата беа забранети низ земјава, потсетува „Дувар“. Минатата недела, градоначалникот на Истанбул, Давут Ѓул, објави дека маршевите на Неделата на гордоста се забранети, велејќи дека „никогаш нема да бидат дозволени групи кои демонстрираат без дозвола“.

Парадите на гордоста се забранети во Истанбул од 2014 година, кога на ваква поворка во метрополата се собраа 100.000 луѓе. Властите ги образложија своите забрани во изминатите години со безбедносни причини или тоа што Недела на гордоста што се совпаѓа со муслимански верски празник.

Настаните на Неделата на гордоста посветени на ЛГБТ+ луѓето и нивните права во Турција се организираат од 1994 година. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан