• петок, 05 декември 2025

Апасиев: Заедно до победа - борбата продолжува!

Апасиев: Заедно до победа - борбата продолжува!

Скопје, 6 октомври 2025 (МИА) - ​​​Претседателот на Левица, проф. д-р Димитар Апасиев упати писмо до своето членство и симпатизери со силна и борбена порака дека патот кон победата продолжува и покрај, како што се вели во писмото, „илегалната цензура“ за време на оваа изборна кампања, стои во партиското соопштение, што МИА го пренесува интегрално.

„Со илегалната цензура во оваа изборна кампања се потврди нашето претчувство – вмроидниот режим се плаши од нашата заедничка борба против елитите. Точно знаат од каде доаѓа опасноста. Се плашат од вистинската опозиција. Од обединета и силна Левица!“, се наведува во писмото.

Апасиев порачува дека секој ден во оваа неправедна кампања за Локалните избори 2025 претставува доказ за нивната решителност, истрајност и непоколебливост. „Знаеме дека патот дотука не беше лесен, но знаеме и дека солидарноста, правдата и чесноста овојпат имаат голема шанса за победа“, стои во обраќањето.

Во обраќањето исто така се потенцира дека Левица се профилира како втора политичка сила во државата и дека младоста, неподмитливоста и креативноста се на нивна страна. „На нивна страна се олигарсите, богаташите и корумпираните. Нашата кауза е праведна! Да не се откажеме. Да одиме напред. Непоколебливо. Со чиста совест и цврста волја“, се додава во пораката.

Апасиев ја дефинира партијата како свежина на, како што вели, „мувлосаната политичка сцена“. „Неа со ништо не можете да ја запрете! Нашата генерациска должност е јасна: да ја продолжиме оваа нерамна битка против привилегираните кои со децении ги ограбуваат и народот и Републиката. Додека тие безобразно се богатат од нашиот труд – само со сплотеност, упорност и истрајност можеме да изградиме општество на социјална правда и благосостојба за сите“, порачува лидерот на Левица.

Во писмото дополнително се нагласува значењето на секој член во овој, како што се нарекува, историски момент. „Затоа, секој од нас е важен. Да бидеме смирени во опасноста! Скромни и постојано претпазливи. Да бидеме несовладливи во офанзивата. Да останеме посветени, организирани и мобилизирани! Да бидеме секој ден на улиците. Меѓу народот, таму каде што припаѓаме. Да продолжиме напред, со збиени редови – без кукање и лелекање. Нема паѓање во духот! Победата наша не е далеку“, стои во пораката на Апасиев.

Писмото завршува со хаштаг пораките: #НародотСега #Заокружи6.

Сектор - медиуми и односи со јавност при ПП Левица 

Остани поврзан