• понеделник, 23 декември 2024

Апасиев: Размислуваме да поднесеме кривична пријава за несовесно вршење на службата за Гаши

Апасиев: Размислуваме да поднесеме кривична пријава за несовесно вршење на службата за Гаши

Скопје, 17 септември 2024 (МИА) – Претседателот на Собранието Африм Гаши еклатантно го крши новиот Деловник и нашиот правен тим размислува да му поднесе кривична пријава за несовесно вршење на службата, односно пречекорување на дискрециони овластувања, затоа што ако внимателно и граматички го читате новиот Деловник, можноста за да не ја свика Комисијата е само на претседателот на матичното тело, но не и кај спикерот, рече денеска пратеникот на Левица Димитар Апасиев во врска со надлежноста на Гаши да ја свика матичната собраниска комисија да заседава за донесениот Закон за бранители.

Според Апасиев, правната одговорност е кај спикерот Гаши, додека политичката кај владеачката ВМРО-ДПМНЕ. Ваквата ситуација, додаде, создава правна пукнатина која во иднина уште повеќе ќе се злоупотребува. 

– Политичката одговорност е кај ДПМНЕ, затоа што ова се покажува зошто партија со двајца пратеници не треба да има спикер, за секое вакво чкрипење треба да одите на бакни рака кај спикерот и тука политичката одговорност е кај овие 58 пратеници. Точно се покажа нашата теза дека партијата со најголем број пратеници треба да го има спикерското столче, токму поради вакви ситуации и ние сметаме дека ова создава една правна пукнатина која што во иднина и тоа како ќе се злоупотребува, доколку помине несанкционирана, рече Апасиев. ра/ев/

Фото: МИА

 

Остани поврзан