• петок, 22 ноември 2024

Андоновски: Укинувањето на балансерот ќе оди во фази, од денеска бројките одговараат на пописните резултати на резидентното население 

Андоновски: Укинувањето на балансерот ќе оди во фази, од денеска бројките одговараат на пописните резултати на резидентното население 

Скопје, 28 јуни 2024 (МИА) -  Укинувањето на балансерот ќе оди во фази. Во првата фаза ќе се вратиме на законските основи на Пописот од 2021 година, а потоа со закон и промена на методологијата ќе одиме кон целосно укинување на алатката балансер при што целосно ќе се почитува темелната вредност на Уставот - соодветна и правична застапеност на етничките заедници, порача денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Нагласи дека со тоа ќе се стави крај првично да се биде од некој етникум, а потоа да се биде професионалец во некоја област и да се има квалитет и образование. Стручноста, додаде, ќе биде пред изборот на етничка припадност.

- Денеска е првата владина седница на којашто ќе бидат разговарани некои основни прашања за функционирањето на Владата. Знам дека граѓаните имаат големи очекувања сите работи да биде направени брзо, но мислам дека за ова е потребна сеопфатна дискусија во рамки на Владата, да видиме кои се начините да не се повреди темелниот принцип на Уставот - соодветна и правична застапеност на заедниците, но во исто време прво да ја гарантираме мериторноста, ефикасноста, квалитетот, образованието и искуството на вработените, а не да го гледаме нивниот етнички предзнак, изјави Андоновски по денешната средба со новинарите.

Посочи дека бројките во дигиталната алатката балансер од денеска веќе се променети за да одговараат на резултатите на резидентното население од Пописот во 2021 година.

- Тоа значи дека лицата попишани во држави во странство нема да бидат дел од дигиталната алатка балансер за вработување во Република Македонија. Времето на балансирање по етнички клуч останува во минатото и сето тоа со почитување на темелните вредности на Уставот, потенцира Андоновски. вј/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан