• понеделник, 23 декември 2024

Ангелов на средба со јапонскиот амбасадор Савада

Ангелов на средба со јапонскиот амбасадор Савада
Скопје, 12 април 2022 (МИА) - Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов на денешната средба со амбасадорот на Јапонија во земјава Хиронори Савада разговарал за тековните состојби во рамки на Националниот систем за управување со кризи, како и за планираните претстојни активности, главно поврзани со зајакнување на способностите на системот за превенција и одговор на ризикот од шумски пожари за претстојната летна сезона.
Исто така, на средбата соговорниците разговарале и за долгогодишната соработка што ЦУК ја остварува со Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) што се реализира преку имплементација на повеќе проекти од областа на управување со ризици од катастрофи во последните десетина години.
Притоа, како што информираат од ЦУК, на средбата се разговарало и за реализацијата на активностите од тековниот проект за примена на екосистемски решенија за намалување на ризици од катастрофи (Еко-ДРР) во којшто се вклучени националните институции од областа на шумарството и животната средина, како и неколку Единици на локалната самоуправа.
Во текот на следните неколку месеци во рамките на овој проект, во нашата држава е најавено дека се планира да бидат присутни повеќе експерти од Јапонија кои ќе соработуваат со претставници од вклучените институции од нашата држава.
Инаку, во текот на разговорите беше изразена подготвеност за заеднички посети на теренските локации на подрачјето на општина Радовиш каде што се имплементираат проектните активности.
-На средбата беше изразено взаемното задоволство од долгогодишната и успешна соработка, а посебно беше нагласено достигнувањето на ЦУК што од примател на поддршка прерасна во регионален  центар за ширење на добри практики и искуства, со што соработката со Јапонската агенција за меѓународна соработка во областа на управување со ризици од катастрофи е проширена на територијата на земјите од Западен Балкан. Имено, Црна Гора и Косово веќе започнаа проектна соработка, а се очекува вклучување и на други земји од Балканот, соопштија од Центарот за управување со кризи.бт/са/

Остани поврзан