• понеделник, 23 декември 2024

Ангеловска: Намерата е секоја банка да може да ја издава картичката - крајната цел на третиот сет мерки е борба против сивата економија

Ангеловска: Намерата е секоја банка да може да ја издава картичката - крајната цел на третиот сет мерки е борба против сивата економија
Скопје, 18 мај 2020 (МИА) – Граѓаните кои ќе можат да аплицираат за третиот сет мерки на Владата во справувањето со кризата која настана од Ковид-19 нема да мора да имаат нова трансакциска сметка креирана специјално за картичката со средства, ќе биде врзана за име и презиме, а парите ќе ги користат и оние на кои им е блокирана сметката. Ова вечерва во гостувањето во Топ тема на ТВ Телма го истакна министерката за финансии Нина Ангеловска при што нагласи дека намерата на Владата е секоја банка да може да ја издава картичката за реализација на оваа мерка. Таа појаснувајќи ги третиот сет економски мерки рече дека целта е на наједноставен начин да се имплементира ова решение, чија главна цел е поттикнување на приватната потрошувачка на македонски производи и услуги, но во крајна смисла и поттикнување на бесготовинското плаќање и борба против сивата економија. Станува збор за пакет од 355 милиони евра, а Ангеловска рече дека третиот сет мерки се таргетирани за да им помогнат на граѓаните и стопанството, а воедно се и системски решенија за надминување на некои системски проблеми како сивата економија. 

-Ако се види бројот на платежни картички кој е издаден во земјата, и колку се користат може да се заклучи дека недоволно се користат платежните картички. Како се случува сивата економија? – со плаќање во готово.  Секоја земја веќе посегнува да се дигитализира, оди кон кешлес општество и бесготовинско општество и тоа е таа визија која е прикажана и низ овој пакет. Кога тие 300.000 граѓани ќе добијат платежна картичка, средствата ќе се насочат кон погодените сектори. Кога тие ќе почнат да плаќаат бесготовински на одредени шифри на дејности, технологијата ни овозможува и идентификација средствата да завршат средствата кај што треба и кај правилниот човек и кај правилниот сектор и кај правилната индустрија и компанија, посочи Ангеловска.

Појасни дека генерално се работи за две групи на финансиска поддршка, кои се вклучени со овој трет сет на мерки. Првата е директна поддршка на граѓаните, која точно вклучува таргетирани групи граѓани, кои ќе добијат финаниска поддршка. -Тоа најпрво се ранливите категории, граѓаните со ниски примања кои се погодени од кризата, невработените лица кои бараат работа, тоа се граѓаните кои се вработени но имаат близу минимална плата, кои ќе добијат ваучери за туризам, тука се младите и студентите, кои не само што ќе добијат платежна картичка и директно ќе ја стимулираат приватната потрошувачка, туку тука можете да ја забележите визијата на Владата кон ИТ дигитализација, бидејќи се нудат кофинансирања на обуки за млади лица. Друга група се секако лекарите и медицинските лица, да им се заблагодариме со одредена награда, значи во оваа група се и работниците. Кога вие ќе врбизгате средства во овие групи за да ја стимулираме приватната потрошувачка, тие средства индиректно ќе го полнат стопанството, ќе се влеат во економијата и тоа на краток рок, бидејќи овие средства ќе треба да се искористат во одреден рок, појасни Ангеловска. Додаде дека овие картички и оваа приватна потрошувачка ќе се фокусираме кон дома, кон македонското, кон домашните производи, кон македонските услуги. За среќа, додаде таа, технологијата ни дава можност да се имплементира тоа да се ограничи каде оваа картичка ќе може да се искористи и во колкав временски период. -Ова е директната поддршка на стопанството, ако ја погледнеме структурата на БДП 65 отсто придонесува приватната потрошувачка, со ова директно ја помагаме, што е важно да останат средствата дома, ако ја погледнеме нашата увоз-извоз компомента има негативен придонес во БДП, рече таа и нагласи дека ова е првиот столб од мерките. Вториот е директна поддршка кон стопанството, малите микро компании, средните, стартапите, големи компании, индустријата, ИТ, земјоделството со директни мерки, бескаматни кредити со грант компонента или директно финансиска поддршка согласно Законот за финансиска поддршка на инвестиции, рече министерката. Поранешниот министер за финансии и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески со забелешка дека ова не се системско решениие, бидејќи со нив не се трансформира економскиот систем. Напомена оти ваков тип мерки примениле голем број земји погодени од коронакризата, но смета дека кај нас тежината е поинаква. Тој со забелешка и како ќе се спроведува оваа мерка, кој ќе ги користи ваучерите, дали ќе ги користат навистина оние за кои се наменети, дали граѓаните можеби ќе ги препродаваат. Во однос на користењето на тие средства, рече дека ќе биде потребен софистициран софтвер за да може средствата да се користат исклучиво на македонски производи и услуги. -Не знам дали на крај ќе имаме средства, сили за поддршка на оние извозни компании кои што треба да ја повлечат македонската економија. Имено дури и самиот наратив, самиот настап на промоторите на овие сега мерки би требало да биде малку поскромен. Знаете зошто би требало да биде поскромен? Прво затоа што трошиме пари на граѓаните на Република Македонија и второ трошиме пари кои што во моментов ги немаме, истакна Славески. Министерката одговори дека со овие мерки всушност се врши трансформација, која се наметна со самата пандемија на Ковид-19, а тоа е дигитализација на општеството. Додаде дека тука станува збор и за високата неформална економија, која ја има нашата земја, за бесготовинските плаќања кои се ниски, а сивата економија се случува токму со плаќањата во готово. ац/бк/

Остани поврзан