Ангеловска-Бежоска: Инфлацијата останува умерена, слично на очекувањата за Европската унија
- Инфлацијата во македонската економија останува умерена, слично на очекувањата за движењата во Европската Унија, истакна гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска во емисијата „
Осврнувајќи се на движењата на цените, гувернерка рече дека во глобални рамки, во овој период, цените на примарните производи се променливи и во нагорна и во надолна насока и дека засега, иако податоците и анализите упатуваат на нагорни поместувања, тоа не е на некое високо ниво.
- За нас, имајќи предвид дека ЕУ е најзначаен трговски партнер на нашата економија, особено е важно што ќе се случува со движењето на цените во ЕУ, каде што засега не се очекуваат позначителни промени, заради што ЕЦБ и продолжува со олабавената монетарна политика. Нагорното поместување на проекциите на ЕЦБ е умерено и причините главно се лоцираат кај цените на енергенсите и други фактори за коишто засега се смета дека имаат привремен карактер, посочи Ангеловска-Бежоска.
Според неа, исклучително важно е што централните банки на големите економии, засега, за следниот период, планираат да продолжат со олабавената монетарна политика, затоа што тоа е фактор што влијае врз случувањата на меѓународните финансиски пазари, кои имаат влијание и врз цените на кредитирањето во нашата економија.- Колку се тие порелаксирани, толку за нас има поголем простор за водење полабава монетарна политика. Тоа е прв предуслов, а какви ќе бидат каматните стапки кај нас зависи и од девизниот потенцијал на нашата економија, што засега е на сосема соодветно ниво според сите последно расположливи податоци и секако од инфлацијата, којашто зависи покрај од надворешни, и од домашни фактори, пред сѐ од домашната побарувачка, рече Ангеловска-Бежоска.
Во однос на актуелните трендови кај кредитната поддршка за населението, гувернерката посочи дека најзабележлив е растот кај станбените кредити од околу 13 проценти, а има забавување кај потрошувачките кредити на околу 6-7 проценти, со што се гледа промена на структурата на кредитирањето.
Очекувањата се дека по донесувањето на новиот Закон за платежни услуги и платни системи и со поттикнувањето на конкуренцијата во платежната сфера со влегувањето на помали платежни институции, се очекува дека ќе дојде до намалување на провизиите за платежните услуги. Гувернерката оцени дека олеснувањето со кое се овозможи одложување на отплатата на кредитите под привремено променети услови за банките, имало позитивен придонес за досегашното справување со кризата. Како резултат на оваа мерка, околу 44 проценти од вкупното редовно кредитно портфолио во земјава го сочинуваат кредити со олеснети услови за отплата, што е повеќе отколку во ЕУ.- Во моментот, како централна банка правиме детални анализи за да се види ефективноста од мерката и сегментите на коишто би требало да се обрне особено внимание. Врз основа на анализите, ќе имаме разговори и со Македонската банкарска асоцијација (МБА) за да одлучиме за евентуални натамошни чекори. Но, важно е да се има предвид дека ако нема регулаторни промени, тоа не значи дека граѓаните не можат да се обратат до банките за да добијат пролонгирање на отплатата на кредитите, во зависност од нивната финансиска состојба. Кога зборуваме за регулаторни промени, се мисли на промени коишто би се однесувале на стимулирање на банките да го направат тоа, посочи гувернерката, напоменувајќи дека во овој сегмент, за банките важат правилата за резервации од пред кризата.
Согласно податоците, како што рече Ангеловска-Бежоска, има структурни подобрувања кај трговскиот дефицит, а намалувањето минатата година, според неа, се должи на тоа што намалувањето на извозот беше помало од намалувањето на увозот. Во однос на јавниот долг, гувернерката нагласи дека растечкиот јавен долг е глобален феномен и резултат на фискалните пакети за поддршка на економиите.- Фискалните пакети треба да се насочени кон најранливите категории и кон расходи коишто не влијаат само на краток рок, туку коишто на долг рок го зголемуваат потенцијалот за раст на економијата, којшто би значел и поголеми буџетски приходи. Ова на среден рок ќе помогне за фискална консолидација. Исто така, за фискална консолидација важно е спроведувањето натамошни структурни реформи, од коишто зависи и каматната стапка на долгот, бидејќи од нив зависат и согледувањата на меѓународните инвеститори, нагласи Ангеловска-Бежоска во интервјуто за Алсат телевизија. бак/сп/