• вторник, 05 ноември 2024

Ампева: Платата за живот изнесува 72.300 денари

Ампева: Платата за живот изнесува 72.300 денари

Штип, 23 март 2024 (МИА) - Плата за живот, а не минималец, за да има социјална правда и доволно средства за егзистенција на работниците и нивните семејства. За да се прехрани едно четиричлено семејство, за разлика од синдикалната кошничка која во моментот достигна 60.000 денари, нашите пресметкит се дека оваа сума не е доволна и се потребни минимум 72.300 денари за да се помине месецот, порачуваат од „Гласен текстилец“. 

Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ денеска изјави дека во плата за нормален живот освен стандардните параметри здравство, култура, образование, комунални услуги, се калкулираат и трошоците што едно четиричлено семејство ќе ги има за еднаш во годината да си дозволи еднонеделен одмор.

-Ние велиме дека платата треба да вклучува непредвидени трошоци. Пластично кажано, ако се расипе машината за садови или за алишта, да не се вади кредит, како што сега го правиме, туку да се има соодветна заштеда од платата и тоа е некаде околу 10 отсто, рече  Ампева.

Таа посочи дека оваа пресметка покажува дека минималната плата покрива само 29 отсто од трошоците за живот. Од друга страна, просечната плата не ја отсликува реалната состојба, зашто тоа е пресек од највисоки и најниските примања.

-Ние немаме институција којашто вели дека, треба да се почитуваат некои европски регулативи, треба да се грижиме малку повеќе за населението и за нивниот стандард, да гледаме колкав е приходот во едно семејство и на кој начин да се дотира. Значи ако ни се ниски платите, да гледаме како да се дотира до тоа. И затоа сега имаме екстремно богати и екстремно сиромашни, а имаме и луѓе кои преживуваат со 100 денари, а има некои и со 50 денари на ден, вели Ампева.

Таа забележува дека најблиску до плата за живот се Турција и Полска, а зад нас се Бугарија и Албанија каде минималната плата покрива едвај 20 отсто од месечните трошоци. вдј/вј/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан