• понеделник, 23 декември 2024

Амнести интернешенел за планот на Нетанјаху за Рафа: Палестинците во Газа се изложени на голем ризик од геноцид

Амнести интернешенел за планот на Нетанјаху за Рафа: Палестинците во Газа се изложени на голем ризик од геноцид

Лондон, 10 февруари 2024 (МИА) - Амнести интернешнал издаде предупредување, тврдејќи дека наредбите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху до армијата да планира офанзива врз Рафа во Појасот Газа претставуваат „сериозен ризик од геноцид“ за цивилите, јавува Анадолија.

Нетанјаху вчера и наложи на војската да поднесе план за евакуација на цивилите од Рафа и поразување на тамошните баталјони на Хамас.

Генералната секретарка на Амнести Интернешнл Агнес Каламар покрена прашања на социјалната мрежа Х во врска со изводливоста и безбедноста на мерките за евакуација, истакнувајќи ја страшната ситуација со која се соочуваат цивилите во Газа.

„Евакуација?? НО КАДЕ? Нема каде да се оди“, потенцира Каламар. „Меѓународната заедница има обврска да дејствува за да го спречи геноцидот“, напиша таа.

По објавата дека Нетанјаху го побарал планот, реагираше и палестинското претседателство кое објави дека израелската агресија врз Рафа „ги преминала сите црвени линии“. Исто така, беше посочено дека тоа е „опасна увертира за спроведување на политиката на раселување на Палестинците“.

Околу 1,4 милиони Палестинци се наоѓаат во Рафа откако израелската армија принуди стотици илјади Палестинци од северниот дел на Појасот Газа да се евакуираат на југ.

По тужбата за геноцид поднесена од Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари донесе одлука дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убиства, напади и уништување на житечите на Газа и да ги преземе сите мерки за да го спречи геноцидот.

Сепак, израелските сили продолжуваат да вршат напади во кои од 7 октомври досега се убиени најмалку 27.947 Палестинци, главно жени и деца, а ранети се 67.459. ссм/

фото: ДПА

Остани поврзан