• вторник, 05 ноември 2024

Амбасадорите на ЕУ во поглавјето 35 од преговорите меѓу Србија и ЕУ ги внесоа обврските од Бриселскиот и Охридскиот договор

Амбасадорите на ЕУ во поглавјето 35 од преговорите меѓу Србија и ЕУ ги внесоа обврските од Бриселскиот и Охридскиот договор

Белград, 17 април 2024 (МИА) - Како што и беше најавено уште по постигнување на Охридскиот договор меѓу Србија и Косово, амбасадорите на земјите од Европската унија (ЕУ) ги усвоија амандманите и измените на поглавјето 35 од пристапните преговори со Србија, кои се однесуваат на обврските што за Србија произлегуваат од договорите со Косово постигнати минатата година во Брисел и Охрид, јави дописникот на МИА од Белград.

Со усвојувањето на овој став, обврските на Србија од Бриселскиот и Охридскиот договор стануваат составен дел од процесот на пристапување на Србија во ЕУ.

Во усогласениот текст, меѓу другото, се наведува дека напредокот во преговорите на Србија за пристапување во ЕУ „ќе се мери особено во однос на континуираниот ангажман на Србија во видливо и одржливо подобрување на односите со Косово, како и други барања содржани во точка 23 од преговорчката рамка“.

Во текстот се наведува и дека Србија треба целосно да ги спроведе своите обврски кои произлегуваат од Договорот за нормализација на патот меѓу Косово и Србија, според нејзиниот анекс за имплементација, договорен на 18 март 2023 година, како и дека „сите дискусии поврзани со спроведувањето на Договорот ќе се одвиваат во рамките на дијалогот со поддршка на ЕУ“.

Текстот за преговарачкото поглавје 35 ќе биде потврден најверојатно во понеделник на Советот за надворешни работи на ЕУ, по што ќе биде официјално испратен во Белград како текст на Преговарачка позиција на ЕУ за поглавјето 35.

Во февруари Европската комисија и Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) поднесоа предлог со кој обврските од Охридскиот договор ќе станат составен дел од процесот на преговори за членство на Србија во ЕУ.

Во декември минатата година, Советот на министри на ЕУ побара од Европската комисија да ги вклучи овие обврски во преговарачката рамка меѓу Белград и Брисел.

– Советот бара од Комисијата и од високиот претставник итно да му предложат на Советот, пред крајот на јануари 2024 година, измени и дополнувања на критериумите за поглавјето 35 од пристапните преговори на Србија, се наведува во тоа барање.

Поглавјето 35 во преговарачката рамка за членството на Србија во ЕУ, кое се нарекува „други прашања“, во случајот со Србија го вклучува и нормализацијата на односите со Приштина.

Заедно со Црна Гора, Србија се смета за лидер во процесот на пристапните преговори. Сепак, поради неподдржувањето на санкциите на ЕУ против Русија, Србија нема отворено ниту едно поглавје од 2021 година.

ЕУ секогаш најавуваше дека обврските на Србија и Косово од договорите постигнати во дијалогот ќе бидат составен дел од европскиот пат за секоја земја.

Бидејќи Косово нема кандидатски статус, обврските од дијалогот ќе бидат вклучени во специјалната група за нормализација.об/сд/

Фото.МИА архива 

Остани поврзан