• понеделник, 24 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Амбасадата на Грција и ИЗИИС организираа конференција насловена „Земјотреси, Цунами и Вулкани: Како да живееме со заканата“ 

Амбасадата на Грција и ИЗИИС организираа конференција насловена „Земјотреси, Цунами и Вулкани: Како да живееме со заканата“ 

Скопје, 25 февруари 2025 (МИА) - Амбасадата на Грција во Скопје и Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија – Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (ИЗИИС) денеска организираа конференција насловена „Земјотреси, Цунами и Вулкани: Како да живееме со заканата“. 

Настанот го поздравија директорот на ИЗИИС, проф. д-р Игор Ѓорѓиев, и амбасадорката на Грција во Северна Македонија, Софија Филипиду.

Професото Ѓорѓиев истакна дека научната соработка помеѓу ИЗИИС и грчките универзитети и истражувачки центри се прошири во последната деценија, особено со „Аристотел“ Универзитетот во Солун, Националната опсерваторија во Атина, Универзитетот „Демокрит“ во Тракија и Универзитетот во Патра, значително зајакнувајќи се во последните години.

Проф. д-р Александра Богдановиќ, раководител на Одделот за Динамички Испитувања и Информатика при ИЗИИС, ја презентираше целокупната дејност и мисијата на Институтот.

После презентацијата, следеше проекција на документарниот филм насловен „Теории на катастрофи: Земјотреси, Цунами и Вулкани“.

Како што се наведува во соопштението од Амбасадата на Грција, главниот говорник д-р Никос Теодулидис, сеизмолог и истражувачки директор на ITSAK-EPPO (Истражувачки и технички институт за инженерска сеизмологија и земјотресно инженерство во Солун), во своето обраќање насловено „Ублажување на сеизмичкиот ризик во балканскиот регион“, се фокусираше на концептот на соработка во ублажувањето на сеизмичкиот ризик.

Настанот беше проследен со организирана тура со водич и симулација на земјотрес во лабораторијата на ИЗИИС. ев/са/

ФОТО: Амбасада на Грција 

Остани поврзан