• петок, 22 ноември 2024

Алијанса за Албанците избира нови раководни тела на партијата

Алијанса за Албанците избира нови раководни тела на партијата

Куманово, 21 јануари 2023 (МИА) – Алијанса за Албанците, денеска во Куманово ги избира новите раководни тела на партијата. Членството, претставниците на легитимно избраните тела ќе одлучат дали партијата ќе одбере да учествува во Владата или ќе продолжи како опозиција, изјави денеска пред почетокот на Централното собрание, претседателот на АА, Арбен Таравари, кој беше избран за претседател на вонредниот конгрес на 24 декември лани.

На денешното Централно собрание ќе се бира претседател на собранието, нова позиција со новиот статутот на партијата, потпретседатели на секретари на партијата и членови на претседателството на Алијанса за Албанците.

– Секако ќе дискутираме и за тоа што на големо се зборува во јавноста. Дали вреди Алијанса за Албанците да преговара за влегување во Влада или воопшто не треба да се продолжат овие разговори, треба да се прекинат дефинитивно. Тука сме за да го слушнеме гласот на нашите претставници од сите легитимни ограноци на Алијанса за Албанците од сите делови на државата каде што функционираме како партија, изјави Таравари.

Тој вели дека нема предлог за две министерски места, според пишувањата на медиумите за правда и здравство.

– Нема предлог. Тоа се шпекулации. Вие знаете уште пред три месеци ни велевте предлог министри или не на министри, нема врска. Денеска првпат ќе зборуваме за тоа дали вреди да се разговара на оваа тема или треба да се прекине и треба да одлучиме да продолжиме како опозициска партија, изјави Таравари.

Одговарајќи на новинарски прашања дали има конкретен предлог од претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, лидерот на АА, вели дека нема и ако имало, ќе го презентирале.

Во случај партиското членство одлучи да ги продолжи преговорите, тогаш, изјави Таравари, ќе се формира комисија од три или петчлена коишто ќе има за задача да организира внатрепартиски референдум, низ ограноците.

– И да преговара за понатаму дека можеме да разговараме за низа директорки места, ако не овде ја затвораме оваа приказна и продолжуваме како опозиција, изјави Таравари.

Во однос на неговото лично мислење, тој кажа дека има и позитивни и негативни страни, но бидејќи досега немало партиски тела, негова обврска е пред членовите на Централното собрание да ги соопшти информациите од остварените контакти.

– И со други политички партии, релевантни политички чинители во регионот и со меѓународниот фактор, меѓународните претставници со коишто сум разговарал да ги кажам што се нивните аргументи, што се нивните мислења, не за влегување, туку за целокупната ситуација, изјави Таравари.

Според него, никаков фактор, ниту меѓународен, ниту домашен не може да се меша во Алијанса за Албанците, но најави дека ќе продолжи комуникацијата.

– Уште еднаш оти имаше обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ да им кажам кој политички фактор или која странска амбасада се вмеша да Алијанса биде во Владата. Јавно им кажувам нема право никој да се меша во одлуките на Алијанса за Албанците, ниту меѓународен фактор, ниту внатрешен фактор, ниту надворешен фактор. Меѓутоа, ние сме имале комуникација со нив и ни е кажано дека европската агенда треба по секоја цена да се протурка, дека не треба да се брза со избори, дека и ние сме кажале дека и ако сме опозиција и ако сме во Влада ќе ги изгласаме уставните промени. Значи, нема таков фактор којшто може да влијае на Алијанса за Албанците за да биде одлучувачки. Ние имаме полно аргументи и факти што сме разговарале со повеќе и амбасади и други политички партии што ќе ги кажам пред Централното собрание за да дискутираме заедно, да одлучиме заедно. Видете, во некои моменти не е целта само доброто на партијата. Во одредени моменти битно е и процесот и обичниот граѓанин, тој што не е ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту СДСМ, ниту Алијанса, ниту ДУИ, така што треба да донесеме одлуки коишто се битни за државата. Меѓутоа и за граѓаните коишто живеат во државата, вели Таравари. ам/дма/

Остани поврзан