• понеделник, 23 декември 2024

Азески: Бизнисмен и џентлмен

Азески: Бизнисмен и џентлмен
Скопје, 7 јуни 2022 Кога во 1983 година одекна веста дека на чело на „Тетекс“ од Тетово, на местото на легендарниот Стојан Ѓорчевски, кој 24 години раководеше со текстилниот комбинат, доаѓа директорот на „Енергетика“, Глигорие Гоговски, многумина ги вртеа главите во неверување, затоа што во социјализмот тоа не беше нормална ротација. По три години од директорувањето со овој значаен стопански капацитет, господинот Гоговски веќе беше во фотелјата на претседателот на Владата на Македонија, како прв бизнисмен во нејзината историја. Имаше само 43 години. Дојде тивко, а од политичката функција си отиде, исто така, тивко и во бизнисот одработи уште полни 31 години. Имав чест, како претседател на Младинската организација на Македонија и на Југославија, да соработувам со овој господин, кој со работа започнуваше во 6:30 ч. наутро и кој секогаш беше деловно облечен според најнова мода. Го паметам по неколку работи. Прво, имаше свој став кој јасно го декларираше: „Или вака или се враќам во ’Тетекс’“. Второ, имаше неограничена упорност во изведувањето на проектите, и покрај огромните отпори. Пример, донесувањето на Законот за предвремено пензионирање со 60 години. Трето, не тактизирајќи политички, во својот мандат ги донесе сите значајни акти што ја трансформираа државата од социјализам и федеративен статус во пазарна економија и сопствена држава. Тој за нас младите од тој период како да даваше надеж за некаков напредок во услови кога заедничката држава се распаѓаше на сите основи. Кога тој процес заврши, мирно се врати на својата позиција во „Тетекс“ и продолжи да работи со исто темпо. Сум се сретнал со него стотина пати и секогаш беше одмерен, енергичен и самоуверен. Со моето доаѓање во Комората повторно ни се вкрстија патиштата и, како и претходно, секогаш беше професионален, прецизен и јасен. Глигорие Гоговски беше човек и како и секој жив човек имаше и свои мани. Но тие мани беа минорни во однос на големите работи што ги направи и за бизнисот и за државата. Токму затоа, и како мој пријател, но и како активен член на Комората, заслужува почит.   Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија
___________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан