• среда, 27 ноември 2024

АЕК годинава со расходи од 596,35 милиони денари, за антенскиот столб на Водно 22,6 милиони денари

АЕК годинава со расходи од 596,35 милиони денари, за антенскиот столб на Водно 22,6 милиони денари

Скопје, 17 јануари 2023 (МИА) - Агенцијата за електронски комуникации, во изградба на антенскиот столб во Скопје, годинава планира да инвестира 25.600.000 денари, како капитални средства согласно со Годишниот финансиски план. Изградбата на телекомуникациска кула на АЕК на врвот на Водно со антенски систем за мониторинг и контрола на радиофреквенциите почна во 2013 година, а тогаш беше најавено дека ќе трае пет години.

Планираната вредност на расходната категорија Капитални средства за 2023 година на АЕК е за 89,91 процент помала во однос на планираната вредност во 2022 година.

Во проекцијата на АЕК  за 2023 година се планирани расходи во вкупен износ од 596.350.000 денари, за 36,63 проценти помалку во однос на претходната година.

Според Годишниот финансиски план, АЕК годинава за опрема планира да потроши 136.467.500 денари, за 32,68 проценти помалку споредено со лани. Тие средства ќе се трошат за информатичка опрема (опрема за ЦИРТ), софистицирана мерна опрема, надградба на централен систем за преносливост на броеви, надградба на СМС, мерење на параметри за квалитет, како и за  друга опрема, возила.

За плати на вработените во редовен работен однос се предвидени 174.787.200 денари, а нема финансиии за ставката помош, донации и други давачки,покажува финансискиот план објавен на веб страницата на АЕК.

Во планираните приходи во вкупен износ од 596.350.000 денари се вкалкулирани надоместоци по повеќе основи, меѓу кои 52 милиони денари од надомест за надзор на пазарот за електронски комуникации, 52,650 милиони денари од надомест за користење доделени броеви и серии на броеви, а 490 милиони денари  од надомест за користење радиофреквенции... лв/ац/

 

Остани поврзан