• сабота, 23 ноември 2024

Адвокатската комора го отвори Центарот за едукација на правни кадри

Адвокатската комора го отвори Центарот за едукација на правни кадри

Скопје, 14 декември 2023 (МИА) - Со еднодневна обука на тема „Етички дилеми на адвокатите“ Адвокатската комора на Северна Македонија денеска официјално го отвори Центарот за едукација на правни кадри.

Центарот е поддржан од Американската амбасада, и освен со техничка опременост, на обуките, како што е најавено, ќе учестуваат и американски експерти.

Во нашата држава, како што појаснија претставниците од Адвокатската комора, донесен е нов закон за адвокатура кој предвидува отворање на ваков вид центри за едукација.

Претседателот на Адвокатската комора, Љубомир Михајловски, во воведниот говор за отворањето на обуката, воедно и на Едукативниот центар, истакна дека Комората веќе некое време, материјално и технички, се подготвувала за отворање на овој центар.

 - Денеска започнуваме еден нов период на формирање на овој центар за добивање на поквалитетни кадри во адвокатурата, односно за добивање на квалитет во работењето на адвокатурата, рече Михајловски.

Тој нагласи дека центарот добил голема поддршка од Амбасадата на САД, не е само со техничка опременост, туку е и со експерти што ќе учествуваат на обуките со цел меѓусебна размена на искуства.

 - Јас сум убеден дека од експертите што доаѓаат од Америка ќе имаме практично искуство пред се, и сметам дека со вакво работење сигурно ќе се стекнеме со подобрувања во адвокатурата, истакна Михајловски.

Како што појасни, Центарот за едукација на правни кадри ќе го води тим од адвокати, кој веќе започна со изработка на подзаконски акти за работење на центарот, како и за негово финансирање.

 - Во изминатиот период со помош на американските експерти се подготви тим на обучувачи кои ќе ве обучуваат, тоа се наши колеги, истакна претседателот на комората и најави дека понатаму ќе организираат и обуки за млади кои сакаат да станат адвокати, како и континуирани обуки за лица кои веќе работат како адвокати.

На отворањето на Едукативниот центар се обрати и Вирџинија Еллиот од Амбасадата на САД во нашата држава.

 - Многу сум среќна што започнуваме со овој курс бидејќи сметам дека ќе биде еден вид на потсетник за сите нас, за нашите одговорности, и ќе ни помогне да размислуваме за нашите секојдневни активности, нашите секојдневни реакции, рече таа.

Еллиот, меѓу другото, нагласи дека и двете држави споделуваат заеднички демократски вредности со што, како што рече,  природно доаѓа да имаме ваков тип на размена на искуства.

 - И двете држави ги поддржуваме принципите на владеењето на правото и знаете дека каде што има критичко владеење на правото владее демократско општество, истакна таа.

Обучувачи на денешната обука, беа адвокатите Кристина Радевска Вељановска и Глигорие Ќатоски, како и нивни колеги од Амбасадата на САД во нашата држава. сан/аа/

фото: МИА

Остани поврзан