• петок, 22 ноември 2024

Авганистански новинар ослободен со посредство по краток притвор и малтретирање

Авганистански новинар ослободен со посредство по краток притвор и малтретирање
Исламабад, 1 ноември 2021 (МИА) – Талибанската разузнавачка служба ослободи локален новинар еден ден откако беше уапсен и малтретиран од непознати причини, потврдија во понеделникот група за застапување на медиумите и неговите колеги. Хусаин Ахмади, водителот и известувачот на приватната ТВ мрежа Рах Фарда, бил уапсен пред централната канцеларија за пасоши во Кабул, откако бил повикан да си го земе пасошот, се вели во соопштението на Авганистанската агенција за заштита на новинарите. Тој беше ослободен со посредство на авганистански медиумски активисти. Додека бил во притвор новинарот бил тепан од припадници на талибанските сили, изјави за ДПА продуцентот на вестите на приватната ТВ станица, Мохамад Елхам Неда. Неда рече дека Ахмади бил ослободен по многу напор, но властите не ја откриле причината за неговото апсење. По преземањето на Авганистан од страна на талибанците, стотици новинари ја напуштија својата земја, а голем број други бараат начини да си заминат. Десетици новинари беа накратко приведени и мачени поради покривање на антиталибанските демонстрации. Голем број медиуми го прекинаа своето работење поради безбедносни закани, цензура и финансиски проблеми. Изминатиот викенд, локалниот новинар на иранската државна телевизија, Али Реза Шарифи, преживеа обид за атентат во градот Кабул. Репортери без граници го смета Авганистан за една од најопасните земји за новинари. јт/

Остани поврзан