• понеделник, 23 декември 2024

 ДЛС „Св.Кирил и Методиј“ со сликање пред МОН побара одговор за стопираните финансии

 ДЛС „Св.Кирил и Методиј“ со сликање пред МОН побара одговор за стопираните финансии
Скопје, 31 август 2021 (МИА) - Членови на Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ Битола денеска сликаа пред зградата на Министерството за образование и наука (МОН) бидејќи, како што велат, немаат решение од страна на ресорниот министер Јетон Шаќири за прекинот на финансиските средства од страна на МОН. - Осми ден немаме решение од министерот Јетон Шаќири за негативната изјава на државниот секретар Неда Трпеска дека по 30 години МОН без никакво објаснување ни ги прекинува финансиските средства, истакна претседателот на Управниот одбор на  Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ Битола, Славчо Неделковски. Информираше дека средствата се исплаќале по три параметри, плата за еден вработен – технички секретар, електрична енергија којашто, како што рече, е есенцијална бидејќи ја имаат најголемата зграда во старата битолска чаршија доделена со одлука на Владата во 98-ма година и за телефонски сметки. - Прашањето е како може во 2022 година, сума којашто изнесува колку еден чиновник во оваа огромна зграда не може државата повеќе да обезбеди и притоа нема објаснување. Неофицијално при еден разговор со министерот тоа се некои измени во законот што спречуваат државата т.е. министерството да финансира здружение на граѓани, а биле донесени 2009-2015 година, истакна Неделковски. Дополни дека месечните трошоци во зимскиот период им изнесуваат 60 илјади денари, а во летниот 40 илјади денари, како и дека „од 2015 година некој на министерот му подметнува, како што рече државниот секретар и системи, лажно да потпишува финансии за нивното друштво“. Бидејќи се на ранг на Програма 20, односно на ранг на основно училиште, Неделковски рече дека бараат објаснување зошто се прекинати средствата по 30 години и оти нивниот став како и на родителите и на децата е дека треба да се назад каде што биле. Затоа, наведе, сме собрани пред зградата на МОН бидејќи веќе осми ден чекаме решение од министерството и бараме да се прекине молкот. На прашањето зошто ја одбиле понудената рака од Министерството за култура одговори дека Детското ликовно студио „Св. Кирил е Методиј“ е во функција веќе 55 години и оти понудената рака, како што потенцираше, е крадење на брендот, т.е. предавање на брендот на Центарот за култура, национална установа во Битола, што значи ќе станеше под државна капа и оти тие никогаш нема да имаат авторски права, и дека како студио тие одлучиле дека тоа не е решение. На прашањето кога последен пат МОН ги финансирале нив, Неделковски истакна дека финансиски средства од МОН добиле последен пат во јуни на трезорска сметка и оттогаш немаат средства и се блокирани. Додаде дека од јули блокирани се и од УЈП и оти не можат ниту со сопствени средства да исплаќаат сметки и долгови, поради тоа што, како што рече, по блокирањето на МОН не можат да го повлечат она што им го дава општина Битола како поддршка до крајот на годината. Тој најави дека освен пред зградата на МОН, членовите на Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ Битола денеска ќе сликаат и на улица „Македонија“ во центарот на градот. сх/лв/

Остани поврзан